Алпската скијачка сезона се комплетира синоќа во Сан Вели (САД) со трките во слалом во Светскиот куп, во кои се решаваа освојувачите на малите кристални глобуси во таа дисциплина (на табелите водеа Хенрик Кристоферсен од Норвешка кај скијачите и Зринка Љутиќ од Хрватска кај скијачките), а од денеска до недела на Планица (Словенија) ќе се одвива разврската за титулите во Светскиот куп во скијачки скокови, со натпреварите во скијачки летови (денеска и в недела индивидуални, утре тимски).
Натпреварувачите се во трка по два кристални глобуса, и тоа големиот за вкупен победник во Светскиот куп за сезонава, за кој се тркаат Австријците Даниел Чофениг и Јан Херл (разликата е 114 бода), и малиот, за титула во скијачки летови, за која, пак, во игра со мала бодовна разлика се Словенците Домен Превц, Тими Зајц и Анже Ланишек, Германецот Андреас Велингер, Јапонецот Рјоју Кобајаши, Австријците Стефан Крафт, Чофениг и Херл, Швајцарецот Грегор Дешванден…
Олимпискиот шампион Кобајаши го постави актуелниот рекорд на Планица со 252 метри во 2019 година, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Светскиот рекорд е 253,5 метри, а го постави Крафт, во Викерсунд (Норвешка), во 2017 година. Н.М.