Фото: Емил Јовановиќ

Во претходните десет години, Карлсен претрпел најмногу порази во 2015 година (десет), а во 2019 година ниту еден. Претходен пат кога Карлсен загубил две партии во класичен шах по ред беше во 2015 година, на супертурнирот во Норвешка

ШАХ – ТУРНИР ВО ВАЈК АН ЗЕ

Младиот 18-годишен Узбекистанец Нодирбек Абдусаторов (2.713 рејтинг-поени) го победи актуелниот светски првак во класичен, забрзан и во брз шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.859), во 5-то коло на турнирот во Вајк ан Зе (Холандија), и тоа со црни фигури. Изненадувањето е уште поголемо затоа што на Карлсен му се случи втор пораз во низа, по претходното коло од Холанѓанецот Аниш Гири. Претходен пат кога Карлсен загубил две партии во класичен шах по ред беше во 2015 година, на супертурнирот во Норвешка, од Бугаринот Веселин Топалов и од Американецот Фабијано Каруана.
Партијата беше во границите на еднаква, но Карлсен одигра непрецизно во завршницата на кралици и на крајот остана со пешак помалку, па се предаде во 60-от потег. Со оваа победа Абдусаторов освои нови седум рејтинг-поени (и моментно влезе меѓу 20-те најдобри во светот) и изби прв на табелата на турнирот со четири поени, во неговото деби на овој престижен и еден од најстарите турнири во светот, познат и како „Шаховски Вимблдон“. Карлсен, пак, моментно е 10-ти од 14 учесници.
Цел поен во ова коло впишаа и Американецот Левон Аронијан (2.735) на мечот со Германецот Винсент Кејмер (2.696) и Пархам Магсодлу (2.719) со Холанѓанецот Жорден ван Форест (2.681). До крајот остануваат уште осум возбудливи кола.
Резултати 5. коло: Карлсен – Абдусаторов 0-1, Аронијан – Кејмер 1-0, Магсодлу – Ван Форест 1-0, Прагнананда – Гири реми, Каруана – Со реми, Еригаиси – Динг реми, Гукеш – Рапорт реми. Табела: Абдусаторов четири поени, Гири 3,5, Прагнананда, Каруана, Аронијан по три, Еригаиси, Со, Магсодлу, Динг по 2,5, Карлсен, Рапорт по два, Кејмер, Гукеш и Ван Форест по 1,5. Г.И.


ПОРАЗИ НА КАРЛСЕН ВО КЛАСИЧЕН ШАХ

ГОД. ПОРАЗИ
2013 четири
2014 шест
2015 десет
2016 три
2017 шест
2018 два
2019 нема
2020 два
2021 два
2022 еден
Извор: Тарјеи Свенсен, норвешки новинар што ги следи резултатите на Магнус Карлсен