ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ВУЕЛТА

Белгиецот Ремко Евенепул победи на индивидуалниот хронометар во должина од 30,9 км, од Елче до Аликанте, во 10-та етапа на 77-та шпанска Вуелта. За него тоа беше прва етапна победа на грантур-трка во кариерата, со што го зголеми водството во генералниот пласман. Евенепул (22) возеше со просечна брзина од над 55,6 км/час и беше побрз за 48 секунди од трикратниот шампион на Вуелта, Словенецот Примож Роглич, кој е втор во генералниот поредок и претходно победник на четири етапи на хронометар на Вуелта! Евенепул е и првиот Белгиец што победил на индивидуален хронометар на Вуелта, по Фонс де Волф во 1979 година.
– Ова е големо изненадување, прекрасно е да се победи на хронометарот во црвената (лидерска) маичка. Многу сум среќен што ја остварив и првата етапна победа, го реализирав мојот сон и сега ќе се обидеме да триумфираме на Вуелта. Целиот тим е суперсамоуверен – изјави Евенепул, кој има предност од 2,41 минути пред Роглич.
Тимот Инеос гренадирс објави дека Итан Хејтер е повлечен од трката откако бил позитивен на ковид-19, како и Ирецот Сем Бенет, кој победи на две етапи годинава и беше во конкуренција за освојување на „зелената“ маичка за велосипедистот што ќе освои најмногу поени. Дури 13 од 21 прерано повлекување на Вуелта, која започна во Утрехт, на 19 август, се поврзани со ковид-19. Л.Д.