Фото: ЕПА

Имавме повеќе од еден милион билети по цена од 24 евра, повеќе од четири милиони билети по 50 евра или поевтини, рече извршниот директор на Игрите во Париз годинава, Етиен Тобоа

Британските навивачи веќе купиле половина милион билети за Летните олимписки игри (ЛОИ) летово во Париз и тоа е повеќе од која било друга држава, освен домаќинот Франција, велат организаторите на ЛОИ, пишува „Би-би-си“.
– Не знам дали тоа е очекување за одличен настап на британскиот тим, но ние сме многу возбудени и ве поздравуваме. ЛОИ во Лондон во 2012 година уште се во сеќавањата на сите. Тоа беа инспиративни игри и за нас – изјави за „Би-би-си“ извршниот директор на „Париз 2024“, Етиен Тобоа.
Во минатиот месец претседателот на Светската атлетика (СА), Себастијан Коу, кој беше претседател на Организацискиот комитет (ОК) на ЛОИ во Лондон во 2012 година, рече дека е загрижен поради тоа што цените на билетите за атлетиката на ЛОИ 2024 може да бидат превисоки и дека полните стадиони биле од суштинско значење.
– Веќе продадовме 90 отсто од билетите, така што сме задоволни дека ги одредивме вистинските цени. Имавме повеќе од еден милион билети по цена од 24 евра. Повеќе од четири милиони билети се по 50 евра или поевтини. Значи, тоа е фантастичен успех. Атлетиката, која му е драга на лордот Коу, ќе биде пред полн стадион – рече Тобоа, пренесе „Би-би-си“.
Тобоа исто така најави „невидени“ безбедносни мерки на Игрите.
– Дефинитивно сме во состојба на висока готовност. Домаќинството на летни олимписки и параолимписки игри ја крева летвичката, но ние ќе бидеме подготвени за предизвикот – вели Тобоа. Г.И.