По падот на трошоците во 2020 и во 2021 година поради пандемијата на ковид-19, клубовите потрошија нова рекордна сума за меѓународни трансфери на фудбалери во 2023 година, 9,63 милијарди долари, а повеќе од 20 отсто повеќе трансфери на фудбалерки имало лани во споредба со 2022 година, со вкупна рекордна вредност од 6,1 милиони долари, пишува ФИФА

ФУДБАЛ – ИЗВЕШТАЈ НА ФИФА ЗА 2023 ГОДИНА

Според извештајот за глобални трансфери за 2023 година, во 2023 година биле направени 74.836 прекугранични трансфери, што е рекорд на сите времиња, од тоа околу 23.689 (31,7 отсто) од овие трансфери вклучуваат професионалци (мажи и жени), а преостанатите 51.147 (68,3 проценти) се на аматери, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА), на својата интернет-страница.
По падот на трошоците во 2020 и во 2021 година поради пандемијата на ковид-19, клубовите потрошија нова рекордна сума за меѓународни трансфери во 2023 година, при што нивните вкупни расходи достигнаа вкупно 9,63 милијарди долари, што е зголемување од 48,1 отсто во споредба со 2022 година и надминување на поранешниот рекорд, поставен во 2019 година, за повеќе од две милијарди долари, пишува ФИФА.
Првите десет трансфери на фудбалери генерирале повеќе од десет проценти од целата сума потрошена за обесштетувања за трансфери во 2023 година. Слично на тоа, од 3.279 трансфери што вклучуваат такси, првите 100 сочинуваат повеќе од 45 отсто од сите пари вложени за трансфер-такси, а англиските клубови повторно се на врвот на листата со 2,96 милијарди долари, пишува Светската фудбалска федерација.
Огромното мнозинство трансфери, вкупно 18.522 (85 отсто), се случиле без обесштетување, пишува во извештајот на ФИФА.
Германските клубови се на врвот на листата за трансфер-суми добиени од појдовни трансфери со вкупно повеќе од 1,2 милијарда долари, како и во претходната година португалските клубови имаа повеќе дојдовни трансфери од клубовите од која било друга асоцијација (1.017), а бразилските клубови, пак, имаа најголем број заминати играчи (1.217), пишува Светската фудбалска федерација.
Вкупно 1.024 клуба вложиле пари на меѓународни трансфери во 2023 година, што е првпат повеќе од 1.000 клуба да инвестираат во трансфери за нови фудбалери од странство. Бројот на клубови што добија трансфер-такси, 1.241, исто така, е уште еден нов рекорд.

Импресивниот раст на женскиот професионален фудбал, исто така, не покажа знаци на попуштање во 2023 година, со повеќе од 20 отсто повеќе трансфери во минатата година во споредба со 2022 година.
Бројот на клубови вклучени во меѓународни трансфери, исто така, се зголеми, од 507 во 2022 година на 623 клуба во 2023 година (зголемување од 22,9 проценти).
Во фудбалот за жени 1.888 меѓународни трансфери на фудбалерки беа обработени од Светската фудбалска федерација во минатата година (131 асоцијација, 7,4 отсто повеќе во споредба со 2022 година, беа вклучени во овие трансфери, што е нов рекорд), а вкупната вредност на трансферите од 6,1 милиони долари за тие зделки е 84 проценти повеќе отколку во 2022 година, соопшти ФИФА.
Во 2023 година, повеќе од 50.000 фудбалери аматери се преселиле преку границите за да му се приклучат на клуб во друга земја. Глобалниот досег на аматерскиот фудбал е впечатлив бидејќи 207 од 211 асоцијации членки на Светската фудбалска федерација беа вклучени во најмалку еден аматерски трансфер во минатата година, пишува ФИФА. Н.М.