Фото: ЕПА

Цените за ЗОИ во Милано и во Кортина почнуваат од 30 евра, 22 отсто од сите билети се под 40 евра, повеќе од половина помалку од 100 евра, а за ПОИ се од 10 евра и речиси 90 отсто ќе бидат достапни за помалку од 35 евра, пишува ИОК

ИОК

На помалку од 500 дена до почетокот на Зимските олимписки игри (ЗОИ) и Параолимписки игри (ПОИ) во 2026 година во Милано и во Кортина, гледачите веќе можат да се пријават за извлекувањето билети, пренесе Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Луѓето низ светот сега можат да се регистрираат на официјалната платформа за издавање билети (tickets.milanocortina2026.org) за ЗОИ, кои се повторно во Италија и на Алпите по 20 години. Овие Игри ќе бидат првите ЗОИ и ПОИ што ќе бидат планирани целосно во согласност со реформите на олимписката „Агенда 2020“, вклучувајќи го и тоа да бидат најбалансираните ЗОИ според полот во историјата, со рекордни 47 отсто натпреварувачки.
За ЗОИ 2026 продажбата на билети ќе почне во февруари в година, а за ПОИ 2026 во март, една година пред соодветните церемонии на отворање. Стратегијата за цените има цел да обезбеди пристап за широк опсег гледачи до сите спортови на Игрите. Цените на билетите за ЗОИ ќе почнат од 30 евра, со 22 отсто од сите билети под 40 евра, повеќе од половина (57 отсто) помалку од 100 евра, а за ПОИ ќе почнуваат од 10 евра за деца до 14 години, а повеќе од 200.000 билети, што сочинуваат речиси 90 отсто, ќе бидат достапни за помалку од 35 евра, пишува ИОК. Регистрацијата е бесплатна и нема обврска за купување. Дополнително, оние што ќе купат билети до мај 2025 ќе имаат корист од специјални цени на некои специфични сесии. Сите билети за ЗОИ и за ПОИ 2026 ќе бидат дигитални, како што беше случајот со Летните олимписки игри годинава во Париз. Билетите ќе се продаваат исклучиво на единствена, централизирана дигитална платформа, единствениот официјален канал, кој ќе биде отворен за сите од целиот свет во исто време. Г.И.