ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП ВО АВСТРИЈА

Единствениот македонски претставник на 26. Европски клупски куп (ЕКК) во шах за жени, во австриски Мајрхофен-Зилертал, скопски Гамбит Асеко СЕЕ (2.215 рејтинг-поени, рангиран 11-ти пред почетокот на ЕКК) минимално загуби, со 1,5-2,5, во третото коло од австриски Ерсте банк Баден (2.369, рангиран шести). На првата табла со бели фигури, ФМ Белослава Крастева (2.297) ја победи ИМ Нурѓул Салимова (2.415), ЖИМ Викторија Радева (2.287), загуби од Елине Роеберс (2.352), како и ЖИМ Љиља Дрљевиќ (2.172) од ЖВМ Динара Вагнер (2.390), а ЖИМ Сандра Ѓукиќ (2.138) ремизира со ЖФМ Денисе Триполд (2.146). Во четвртото коло од предвидените седум, македонскиот клуб ќе игра со словенечки Тајфун (2.293, рангиран деветти).

По три кола, скопскиот клуб има два екипни бода (шест поени по табли) и е 13-ти во конкуренција на 17 екипи од 14 држави. Води австриски Памхаген, со максимални шест бода (9,5 поени по табли), пред романски Супербет, исто така, со шест бода (8,5). Гамбит Асеко СЕЕ во 2015 на ЕКК во Скопје го освои сребрениот медал, што е најголем успех на македонскиот женски клупски шах.

На 37. ЕКК за мажи, пак, настапуваат 70 екипи од 26 држави, а по третото коло дури шест екипи имаат по три победи. Сепак, според бројот на поени по табли, води шпанска Сила Валенсија (16,5), пред норвешки Оферспил (за кој игра светскиот првак Магнус Карлсен) и германски Виерхеим (двата со по 15 поени) итн. За романски Супербет (има три победи) игра и поранешниот светски првак, Индиецот Вишванатан Ананд. Македонија нема претставник во машка конкуренција. На ЕКК жените играат на четири, а мажите на шест табли. Г.И.