Фото: ОФМ

Македонија во мај и во јуни вторпат ќе настапи во Сребрената европска лига, а во август се реванш-мечевите со Грција и со Австрија во квалификациите за ЕП 2026

ОДБОЈКА – СРЕБРЕНАТА ЕВРОПСКА ЛИГА И КВАЛИФИКАЦИИТЕ НА ЕП СЕ ВО ФОКУСОТ НА ЖЕНСКАТА СЕЛЕКЦИЈА

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија летово ја очекуваат настапите во Сребрената европска лига, како и реванш-натпреварите со Грција и со Австрија во квалификациите за Европското првенство (ЕП) в година. Селекторот Стефан Пауновиќ првиот собир за подготовките го закажа за 15 мај во х. „Горан Пандев“ во Струмица.
Македонија, која вторпат ќе настапи во Сребрената европска лига, е домаќин на првиот од трите турнира, односно од 30 мај до 1 јуни во салата „Парк“ во Струмица ќе ги пречека Луксембург и Швајцарија. Во вториот викенд Македонија ќе игра на Фарски Острови (6-8 јуни) со домаќинот и со Австрија, а Македонија ќе биде, условно кажано, гостин на третиот турнир (13-15 јуни), кој ќе се игра во Струмица, а каде што Израел ќе биде домаќин. На тој турнир ќе настапи и Грузија.
По настапот во Сребрената европска лига, репрезентативките ќе имаат едномесечна пауза пред одново да се соберат на 20 јули во Маврово, кога ќе почне темпирањето на формата за реванш-дуелите со Грција и со Австрија во квалификациите за ЕП 2026. Во фаза на преговори се потенцијални пријателски мечеви како контрола во пресрет на квалификациските дуели, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Македонија е домаќин на првиот натпревар со Грција на 3 август во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, а потоа е гостувањето на 9 август во Австрија. По двата пораза во првите меѓусебни дуели со овие селекции, Македонија е без шанси за пласман на ЕП 2026.
ОФМ изминативе години работи посветено на развојот на женската одбојка, а од поставувањето здрава основа се очекуваат резултати во иднина, што го потенцира и македонскиот селектор Пауновиќ.
– Чест и задоволство е што нашата заедничка приказна и мојата работа во женскиот национален тим на Македонија продолжуваат. Целта е да создадеме респектабилна репрезентација и да го достигнеме успехот на машката селекција. Со Федерацијата активно работиме на реализирање на плановите за во иднина и моја лична амбиција е со Македонија да бидам учесник на ЕП 2028 – рече Пауновиќ, пренесе ОФМ. Г.И.