Вториот турнир, во 1953 година, се издвојува како еден од најпознатите досега, благодарение на безвременската популарност на одличните турнирски книги. Следуваа нови возбудувања и на турнирите во 1956 и во 1959 година
ИСТОРИЈА НА ТУРНИРОТ НА КАНДИДАТИТЕ (2)
Турнирот на кандидатите, последниот тест што шахистот мора да го помине за да го предизвика светскиот шампион во шах, има богата историја, која датира од 1950 година. Овој настан се појави како одговор на потребата од систематски пристап за одредување на предизвикувачот на светскиот првак. Пред 1950 година, кандидатите мораа да се движат низ лавиринтот од преговори директно со шампионот, да обезбедат финансирање и да организираат меч, односно процес што немаше структура и конзистентност, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Во пресрет на годинашниот Турнир на кандидатите (од 3 до 22 април) ви ги претставуваме досегашните циклуси (во претходното продолжение го претставивме турнирот во 1950 година).
НЕЗАБОРАВНИОТ ТУРНИР (1953 Г., ЦИРИХ)
Вториот турнир во Цирих (Швајцарија) се издвојува како еден од најпознатите досега, благодарение на безвременската популарност на одличните турнирски книги од учесниците, Давид Бронштајн и Мигуел Најдорф. Турнирот беше двокружен, со 15 шахисти, а секој одигра 28 партии. Извонредниот состав придонесе за богатото шаховско наследство на овој настан (Смислов, Бронштајн, Керес, Решевски, Петросијан, Гелер, Најдорф, Котов, Тајманов, Авербах, Болеславски, Сабо, Глигориќ, Еве, Сталберг, именувани според конечниот пласман). Победникот, Русинот Василиј Смислов, потоа ремизира со шампионот Ботвиник, кој, според тогашните правила, ја задржа титулата.
УСПЕХОТ НА СМИСЛОВ (1956 Г., АМСТЕРДАМ)
На Турнирот на кандидатите во 1956 година во Амстердам (Холандија) Смислов победи вторпат во низа, со предност од 1,5 поен меѓу 10 играчи. Тој загуби само една партија, од 19-годишниот руски дебитант Борис Спаски. Откако ја достигна својата најдобра форма, следната година Смислов го победи Ботвиник со 12,5-9,5 во меч за титулата и стана седмиот светски првак во шах.
ШАХОВСКА ОДИСЕЈА (1959 Г., СФР ЈУГОСЛАВИЈА)
По победата во реваншот со Смислов со 12,5-10,5 во 1958 година, Ботвиник повторно стана светски шампион и чекаше нов предизвикувач. Во 1959 година, тогашна СФР Југославија беше домаќин на Турнирот на кандидатите, со осум шахисти (четирикратен кружен турнир со 28 кола). Три града во Југославија беа домаќини на настанот, прво дел во Блед, потоа во Загреб и на крајот во Белград. Младиот дебитант Михаил Таљ (22) помина прв низ целта, пред Петросијан, Смислов, Глигориќ, другиот извонреден дебитант, Роберт Фишер (16), Олафсон и Бенке. Половина година подоцна, „волшебникот од Рига“ ја презеде титулата од Ботвиник, победувајќи со 12,5-8,5.
Г.И.
(Идната недела: Доминација на Фишер и Карпов)