ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2026
Две победи и по едно реми и пораз или вкупно 2,5 поенa од можни четири е збирoт на македонските претставници во 8. коло на 26. поединечно Европско првенство (ЕП) во Катовице (Полска). Интернационалниот мајстор (ИМ) Емил Ристески (рејтинг 2.416, рангиран 152. пред турнирот) со бели фигури ја оствари четвртата победа, против женскиот велемајстор (ЖВМ) од Полска, Јулија Антолак (2.223/302). Победа, и тоа петта, со бели фигури, впиша и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Антон Златков (2.299/254), на дуелот со ИМ од Турција, Адар Тархан (2.447/109). Вторпат половина поен освои ИМ Тони Лазов (2.389/183), со црни фигури, против албанскиот ФМ Матеу Бочи (2.256/283). Единствениот пораз, а четврти досега, го претрпе ФМ Андреј Велјаноски (2.255/287), кој со бели фигури загуби од романскиот ФМ Мирчеа Талу (2.371/197).
На три кола до крајот на ЕП 2026, Златков и понатаму е највисокопласиран Македонец, 51., со 5,5 поени, има играчки перформанс од 2.550 поени и освои 52 нови рејтинг-поени, Ристески е 137. со пет поени, Лазов е 238. со четири, а Велјаноски е 294. со 3,5 поени, со играчки перформанс од 2.355 поени и нови 19 рејтинг-поени. Во водство изби ВМ од Шпанија, Давид Антон Гујаро (2.656, рангиран втор пред ЕП 2026), со седум поени. Г.И.
































