Случајот „Груевски“ во светлината на промената на власта во официјална Будимпешта повторно отвори препукувања во македонската јавност
- Случајот „Груевски“ динамично станува популарен во македонската јавност со нагорен тренд што го наметнуваат некои медиуми, под влијание на одредени партиско-политички центри, создавајќи сензационализам со комбинаторики меѓу правото и политиката токму таму каде што поддржани од новинарски квазипрофесионалци прават шунд и турбофолк-случај наместо педантно и професионално да анализираат и да известуваат
Во јавноста често деновиве сѐ почесто се повторува наративот дека „екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски е само прашање на една брза политичка одлука, врз основа на изразена политичка волја“. Имено, дека за тоа би бил доволен „еден сигнал од Будимпешта, еден потпис на новиот премиер и – завршена работа“.
Но правната реалност во Унгарија кажува поинаква, сложена и подолготрајна процедура. Имено, станува збор за еден долг повеќеслоен процес, во кој институциите се движат по строго утврдена процедура, а политиката изгледа повеќе како „подземна струја“ отколку како отворена команда.
Доколку Македонија повторно ја почне и истурка постапката докрај, сценариото натаму би се одвивало во неколку јасно дефинирани, но меѓусебно зависни фази и, секако, надвор од Македонија.
Почетокот би бил во Скопје
Сè започнува во македонското Министерство за правда, кое подготвува формално барање за екстрадиција, кое во прилог би содржело документација со судски пресуди, обвиненија и гаранции дека постапките против Груевски се водени во согласност со меѓународните стандарди. На прв поглед административен чекор, но во суштина, тоа е фундаментот на целиот процес. Секој пропуст или недоволно уверлива аргументација може да биде искористена како причина за одбивање уште на почетокот.
Но вистинската битка не започнува во судницата, туку во институцијата што одлучува за нешто поважно од екстрадицијата, а тоа е статусот на азил во Унгарија.
Клучната точка во Унгарија за евентуална екстрадиција е – затворање/прекин на статусот на азил
Во Унгарија, случајот на Никола Груевски не може да се отвори без претходно да се затвори прашањето за азилот. Надлежната Дирекција за странци, административен орган под капата на извршната власт, е таа што мора да одлучи дали причините поради кои му е доделена заштита во 2018 година и понатаму важат.
Оваа фаза е најкритичната. Ако институцијата оцени дека постои ризик од политички прогон или неправично судење, постапката завршува тука. Нема суд, нема екстрадиција, нема натамошни чекори.
Но ако, пак, се процени дека околностите се промениле, односно дека Македонија е безбедна држава и дека правосудниот систем нуди гаранции, тогаш азилот може да биде укинат. Но интересно е тоа што експертите констатираат дека токму тогаш започнува вистинскиот правен лавиринт.
Жалбите се првиот долг пат за изодување
Укинувањето на азилот не значи автоматски и негово исчезнување. Напротив, тоа отвора нов предизвик. Груевски има право да ја оспори одлуката пред унгарските судови, да бара привремена заштита и да го одложи нејзиното стапување во сила.
Овој дел од процесот може да трае со месеци, па и до една година. Во тој период, екстрадицијата практично е ставена во мирување – правно можна, но фактички невозможна.
Дури по евентуалното финализирање на азилската постапка, случајот стигнува до суд. Но и тука постои една честа заблуда. Имено, судот не одлучува дали Груевски ќе биде екстрадиран, туку дали смее да биде екстрадиран.
Судиите ги проверуваат класичните правни критериуми – дали делото е казниво и во Унгарија, дали постојат ризици по човековите права и дали случајот има политичка заднина. Токму ова последното прашање е најчувствително и најтешко за правна интерпретација.
Одлуката на судот е, всушност, филтер. Ако каже „не“, процесот завршува. Ако каже „да“, топката се префрла на друг терен – оној на политиката.
Финалниот потпис го става министерот за правда
Во унгарскиот систем, последниот збор не го има судот, туку министерот за правда. Тој може да ја одобри екстрадицијата, но и да ја одбие – дури и кога сите правни услови се исполнети.
Ова е моментот каде што правото и политиката најотворено се вкрстуваат. Формално, одлуката треба да се темели на закон. Практично, таа често ги рефлектира пошироката политичка клима и надворешнополитичките интереси на државата.
Последната линија на одбрана секако е Стразбур
Но процедурата не завршува ни тука. Дури и по евентуална одлука за екстрадиција, Никола Груевски има право да се обрати до Европски суд за човекови права. Овој суд може да изрече привремена мерка со која ќе ја стопира екстрадицијата додека не се разгледа случајот.
Во европската пракса, ваквите постапки знаат да траат со години, претворајќи ги екстрадиционите процеси во долги правни саги.
Кога сите овие фази ќе се стават во една временска рамка, станува јасно дека не станува збор за брз процес
Од првото барање до конечната одлука можат да поминат две, три, па и повеќе години. Во меѓувреме, секоја институционална одлука отвора нови можности за жалби и одложувања.
Теоретски, процесот за екстрадиција изгледа како строго правна процедура со јасни правила и надлежности. Во пракса, сепак, тој е многу повеќе од тоа. Тоа е една комплексна процедура во која секој чекор е формално правен, но суштински чувствителен на политички контекст.
Затоа, клучното прашање не е само дали Македонија ќе достави доволно силно барање, ниту дали судот ќе даде зелено светло. Вистинската дилема е дали унгарските институции – под влијание на новата политичка реалност – ќе проценат дека повеќе нема причина да штитат.
Дотогаш случајот останува популарен во јавноста со динамика што ја наметнуваат некои медиуми под влијание на одредени партиско-политички центри, создавајќи сензационализам со случај меѓу правото и политиката токму таму каде што поддржани од новинарски квазипрофесионалци прават шунд и турбофолк-случаи наместо професионално да анализираат и да известуваат.
П.Р.
Европските преседани и случаи на екстрадиција и одредени актуелни паралели
Кога политиката и правото се судираат, екстрадицијата станува долга и неизвесна битка
Случајот на Џулијан Асанж јасно покажа дека азилот може да биде силна, но не и трајна заштита. Основачот на Викиликс со години престојуваше во Амбасадата на Еквадор во Лондон избегнувајќи екстрадиција. Но пресвртот дојде во 2019 година, кога Еквадор му го укина азилот – потег што веднаш доведе до негово апсење од британските власти и активирање на процесот за негова екстрадиција во САД.
Поуката е едноставна: азилот важи само додека постои. Неговото укинување ја отвора вратата за институциите да дејствуваат без одложување.
Во таа смисла, паралелата со Никола Груевски е очигледна – клучното прашање не е дали има барање за екстрадиција, туку дали ќе опстане азилот.
Случајот со Карлос Пуџдемон
Примерот со Карлос Пуџдемон покажува дека дури и без формален азил, екстрадицијата не е автоматски процес. По бегството од Шпанија, поранешниот каталонски лидер се соочи со барања за екстрадиција, но судовите во Белгија и Германија одбија да го предадат за најтешките обвиненија, дозволувајќи само ограничени правни опции.
Овој случај потврдува дека европските судови не се формалност, туку активни актери што внимателно ги разгледуваат политичките контексти зад правните барања.
За Груевски, тоа значи дека унгарските судови нема нужно автоматски да ја потврдат секоја евентуална одлука за екстрадиција.
Случајот со Фетхулах Ѓулен
Во случајот со Фетхулах Ѓулен, барањето за екстрадиција од страна на Реџеп Таип Ердоган останува безуспешно. САД одбиваат да го предадат, повикувајќи се на сомнежи дека станува збор за политички мотивиран прогон.
Оваа логика е клучна: кога постои перцепција дека обвиненијата имаат политичка заднина, екстрадицијата станува речиси невозможна.
Токму ваквиот аргумент беше во основата на одлуката Унгарија да му додели азил на Груевски.
Случајот на Роман Полански
Случајот на Роман Полански покажува дека екстрадицијата може да се претвори во правен лавиринт што трае со децении. Различни држави низ годините го апсеа, но одбиваа да го екстрадираат во САД, создавајќи сложена и долготрајна правна битка.
Ова укажува на уште една реалност: времето често работи во корист на лицето што се бара.
Во контекст на Груевски, кој веќе со години е надвор од дофат на македонските власти, секое евентуално отворање процес би можело да трае долго.
Заеднички именител
Ако се погледнат заедно, европските преседани откриваат неколку константи. Прво, азилот е главниот штит – но само додека трае. Второ, судовите имаат реална моќ да блокираат екстрадиција. Трето, политичкиот елемент некогаш знае да биде пресуден и четврто, времето најчесто знае да биде екстензивно и да долго за постапката.
Најблиската аналогија за случајот на Груевски е комбинација од моделите на Асанж и Пуџдемон – каде што судбината зависи и од политичката волја и од судската интерпретација.
Горните примери и искуства водат кон јасен заклучок: екстрадицијата ретко е чисто правно прашање. Таа е хибрид во кој се преплетуваат правото, политиката и меѓународните односи.
Во случајот на Никола Груевски, исходот нема да зависи од една одлука, туку од динамичен процес во кој секој фактор може да ја смени насоката. Додека азилот стои, случајот ќе мирува. Ако падне, тогаш реално започнува долга и неизвесна правна битка. Тоа е проекцијата заснована на факти, досегашни искуства и на емпирија.
П.Р.
































