Граѓаните во Македонија кои поседуваат возачка дозвола од „Б“ категорија од денеска можат да управуваат и мотоцикли со автоматски менувач од категоријата „А1“, со зафатнина до 125 кубни сантиметри и моќност до 11 киловати, откако стапија во сила измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Измените беа предложени од пратеничката група на Движење ЗНАМ со поддршка од парламентарното мнозинство, а Собранието ги усвои на 8 април.
Во меѓувреме беа завршени и административните процедури за правилникот подготвен од Министерство за внатрешни работи, чие објавување во Службен весник овозможи законските измени официјално да стапат во сила.
Пратеникот Павле Арсовски објасни дека правото за управување вакви мотоцикли ќе го имаат возачи кои имаат најмалку 23 години, поседуваат најмалку пет години важечка „Б“ категорија и имаат потврда за завршена четиричасовна теоретска обука.
– Со овие законски решенија сакаме да поттикнеме користење помали и поекономични возила, да го намалиме сообраќајниот метеж и да ја подобриме мобилноста во урбаните средини – изјави Арсовски.
Тој посочи дека мотоциклите од категоријата „А1“ претставуваат економично и практично превозно средство, кое зафаќа помалку простор и придонесува за намалување на загадувањето поради пониските емисии на штетни гасови.
Арсовски нагласи дека безбедносниот аспект е задржан преку дополнителната обука и условот за долгогодишно поседување возачка дозвола.
Слична пракса веќе постои во повеќе европски држави, меѓу кои Шпанија, Грција, Португалија, Франција, Австрија, Белгија, Словенија и Полска.


































