Министерката за образование Весна Јаневска денеска потврди дека од оваа учебна година свидетелствата за учениците од прво, второ и трето одделение ќе се издаваат по електронски пат.
Таа појасни дека, бидејќи станува збор за прва година од воведувањето на системот, учениците паралелно ќе добијат и печатени свидетелства.
– Наместо наставниците рачно да ги пополнуваат свидетелствата, сега тоа ќе се прави електронски, побрзо, поефикасно и со помалку можности за грешки, бидејќи податоците автоматски се преземаат од е-дневникот – изјави Јаневска.
Според неа, од следната година електронските свидетелства ќе се воведат и за учениците од четврто, петто и шесто одделение, а процесот целосно ќе заврши во 2028 година со опфаќање и на деветто одделение.
Јаневска нагласи дека дигитализацијата ќе донесе повеќе придобивки – помала употреба на хартија, намалување на загадувањето, олеснета работа за наставниците, но и побрз пристап до податоците при уписите во средно образование.
– Системот за упис во средно образование директно ќе ги презема податоците од училиштата, што претставува значаен чекор во дигитализацијата на образовниот процес – истакна министерката.
Во однос на законите за високото образование, Јаневска информираше дека во завршна фаза е усогласувањето на трите законски решенија, за високо образование, за обезбедување квалитет во високото образование и за научно-истражувачка дејност.
Таа очекува усогласувањето да заврши во текот на следната недела, по што законите ќе бидат доставени на владина седница.
Изјавата Јаневска ја даде пред потпишувањето меморандум за соработка меѓу Градежниот и Економскиот факултет со два германски универзитети во областа на циркуларната економија.


































