Знаменитостите на Македонија

  • Тајната на исчезнатите православни гробишта во Мургашево: дефтери, катастар и историски слоеви

По извесна временска пауза, повторно се навраќам на една тема што очекувам да продолжи да го привлекува вниманието на оние што го следат моето публицистичко истражување на темата со (не)постоењето на стари православни гробишта во населбата Мургашево, Демир Хисар. Имало ли православни гробишта? Ако ги имало – каде се православните гробишта во Мургашево? Имало ли православна црква? Ако имало, дали врз нејзините темели е изградена „Исак-џамијата“ или пак на друго место заедно со гробиштата. Темиве се многу суптилни и бараа многу голем ангажман, консултации и контакти со стручни лица и надлежни институции, стари патописни записи, етнолошки истражувања во 50-тите години на минатиот век, посветени историчари и трагачи по возбудливи теми. Во една пригода се обидов да најавам своевидно демистифицирање на сите логични и нелогични тврдења, претпоставки и нагаѓања дека, на пример, мургашевци биле погребувани на гробиштата во Суводол-Кутретино, но до ден-денес сè уште не се слушнало дека некој таму имал стари гробови; па дека Мургашево немало стари гробишта и црква бидејќи тоа во сиот период на своето постоење било населено со муслиманско население, што е апсолутно неточно; дека и старите гробишта биле на сегашните гробишта – податок што е далеку од историската и фактичка вистина итн. Се обидов, од ниво на шпекулации, сите претпоставки и божемни усни сеќавања од предците да ги сведам на една пореална основа и да ги претставам во ситуација на голема веројатност, па дури и на точност, повикувајќи се на некои стари релевантни информации до кои дојдов преку соработката со познатиот историчар од Охрид и поранешен директор на Радио Охрид и на Одделението на Државниот архив во Охрид, м-р Димитар Смилевски, потоа расположиви документи на Државниот архив и најпосле во Одделението на Агенцијата за катастар во Демир Хисар и вработените во него, преку стари топографски карти да го погледнеме Мургашево од топографска птичја перспектива, направена и запишана во 1930 година од тогашното Одделение за катастар и државни добра (Одељење катастра и државних добара) на тогашната локална власт што била устоличена од новата српска окупација на Вардарска Македонија од страна на Кралството Југославија, на чие чело се устоличил кралот Александар Први. Србија како посебна држава формално не постоела, туку била дел од Југославија. Централната власт во Белград имала силна контрола врз Вардарска Македонија. Македонскиот национален идентитет и јазик не биле официјално признаени од тогашната власт. Историски, во македонската јавност често се користи изразот „српска окупација“ за периодот меѓу 1913 и 1941 година, особено по поделбата на Македонија по Балканските војни. Но, официјално според тогашното меѓународно право, територијата била дел од југословенската држава. Но ова се друг вид историски податоци што не се предмет на интерес на овој публицистички „потфат“.

До какви податоци дојдовме?

До какви податоци дојдовме со историчарот Смилевски, чија основа се релевантни документи за време на турското и српското владеење со Македонија? Историчарот се посвети на темелна потрага и анализа на историски документи од периодот кога Македонија била под османлиска власт, односно пописните дефтери од првиот попис направен на Мургашево во 1468 година, од кои недвосмислено се гледа дека во овој период во Мургашево не живеел ниту еден жител со муслиманско потекло. Селото било населено со христијанско население. Не изгледа многу променето етничката и верска слика на Мургашево и во подоцнежните години.
Во податоците од 1528 година се регистрирани пет муслимански семејства.
Ова не значи дека селото станало муслиманско, туку дека започнал процес што ќе се развива постепено — најчесто предизвикан од новите административни услови, даночниот систем или прифаќање на исламот од одделни семејства.
Само четири децении подоцна, во 1568 година, во Мургашево бројките се менуваат:
• 17 семејства,
• 8 неженети машки,
• уште двајца муслимани регистрирани како поединци.
Овие бројки покажуваат дека селото веќе било во процес на мешана структура. Исламизацијата не била нагла и насилна, туку постепена — со појавување на нови семејства, административни службеници или со поединечни преминувања во новата вера.
Значи дека исламизацијата во овој регион не е стара — започнува и се забрзува дури во XVI век. Затоа промените во Мургашево совршено се вклопуваат во пошироката слика на времето. Исчезнувањето на православните гробишта во Мургашево логично се вклопува во оваа поширока демографска и религиска трансформација.

Историски извори и манастирско село

До какви историски факти се дојде по подолготрајното „копање“ по пожолтените архивски документи, записи и топографски карти? Поврзувајќи ги според логичен историски контекст и континуитет записите од турските пописни дефтери, но и извесни етнолошки истражувања на селата во Демирхисарско направени во 1952 година од страна на професорот на Филозофскиот факултет во Скопје Борисав Русиќ во 1951/52 година, се стигнува приближно до поставената цел околу подалечната историја на Мургашево и другите села. Историчарот Смилевски наоѓа податок дека селото Мургашево најпрвин имало статус на манастирско село.
Што значи тоа? „Манастирско село“ значи дека Мургашево во минатото му припаѓало на некој манастир — односно манастирот бил сопственик на земјата, шумите, нивите или дел од приходите од селото. Во случајот со Мургашево, со сигурност може да се тврди дека било „метох“ или имот на манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче, а не се исклучува тоа да бил манастирот „Св. Ап. Том“. Обично тоа значело дека жителите обработувале земја што формално била манастирска, дел од данокот или приносот одел за манастирот, а манастирот имал економска и понекогаш духовна власт врз селото.

Турски дефтери и реконструкција

Еве ја прераскажана оригиналната верзија од преведените турски дефтери што се однесуваат на Мургашево, а од кои податливо може да се лоцира местото каде што своевремено постоеле православните гробишта: „Според преданијата и податоците од старите турски дефтери, селото порано било манастирско место. Во него постоела манастирска чешма, а тука се наоѓал и ’Шути манастир“ посветен на Св. Тома. Подоцна, со доаѓањето на Турците, селото било разграбено, манастирот бил разрушен, а на десната страна од реката Обедничица (денешна Стара Река) била изградена ’Исак-џамија’. Јужно од џамијата се наоѓала црквата, околу која биле и гробиштата на христијанското население. Во минатото реката Обедничица често се излевала и правела големи штети, а според кажувањата дури и луѓе се удавиле во поплавите. Турците во селото имале свои чифлизи (земја што била во сопственост на турски или исламизирани беговски фамилии), а христијаните работеле на нив како исполџии, односно ја обработувале земјата и го делеле родот со сопствениците. Во селото имало околу триесет исполџиски семејства. Од запад кон исток минувал таканаречениот Каурски сокак (денешна улица 11 Октомври), по кој можело да се оди само качен на коњ, а таму живееле токму исполџиите.
Еден од поголемите чифлизи бил купен од Реџо Зуфароски, познат како Кафтан Реџо, од некој битолски муфтија. Реџо бил родум од селото. Неговиот чифлиг изнесувал ’сто кила семе’ (во старите балкански услови: за 1 декар пченица обично се користеле околу 18–25 кг семе, што значи дека 100 кг семе би одговарале приближно на: околу 4 до 6 декари обработлива земја (0,4–0,6 хектари), но подоцна, преку мирази (имот што девојката го носела со себе при мажење, односно дел од семејниот имот што родителите ѝ го давале кога ќе заминела во друга куќа), имотот постепено се раздробил и се раздал меѓу наследниците. Дел од земјата преку мирази ја добиле и луѓе од Алдинци.
Синови на Реџо биле Мерсим и Селман, а од нив подоцна купувале семејствата Цапарци и Лесковци. Чифлизи имале и Усеиновци, како и Јусуф во месноста Вардино кај Шундовци. И еден ага од Битола поседувал чифлиг во селото, кој подоцна исто така бил раздаден преку мираз. Поголем дел од муслиманските семејства во селото биле доселени од Битинци кај Корча во Албанија, па според тоа месното население ги сметало повеќе за Албанци отколку за Турци. За тогашните турски жители се раскажувало дека биле многу строги и лоши кон населението.
Во селото постоела и кула кај местото Св. Никола (не се знае кое место го носело ова име). По иселувањето на Турците, христијаните ја урнале кулата. На тоа место биле закопувани и христијаните што работеле како исполџии. Според старите кажувања, селото порано се викало Мурго Село, по родот Мурговци што живеел таму. Подоцна Турците ги истерале, а од нив потекнуваат денешните Мурговци во Сопотница. Со нив, по женска линија, биле поврзани и Славевци во Вардино. Турците селото го нарекувале Мургаш.“
Ова прераскажување на записите во турските дефтери слободно може да се каже дека досега се најрелевантни записи пронајдени за подалечната историја на селото Мургашево, од кое подоцна се раѓа градот Демир Хисар, кој своето име го „позајмил“ од најживописната демирхисарска горноселија, селото Демир Хисар, денешно Железнец. Многу ме заинтригира податокот за постоење на манастирска чешма. Тоа е несоборлив податок бидејќи чешмата е дел од колективната меморија на нас помладите мургашевци. Сè уште ја памтам чешмата што се наоѓаше на мургашевското сретсело, пред денешниот имот на фамилијата Јошевски, свртена во правецот север-југ.

Катастарски податоци

Трагајќи по некој друг материјален доказ на овој запис, се обратив во општинското одделение на Агенцијата за катастар во Демир Хисар. Љубезниот персонал ми излезе во пресрет, ставајќи ми ги на располагање најстарите топографски карти од кои може да се дојде до некоја материјална констатација за џамијата, црквата и православните гробишта во Мургашево.
Демирхисарските катастарци ме информираа дека единствените и најстари катастарски записи за ова подрачје што постојат во нивните архиви датираат од 1930 година – од првиот катастарски премер што го направиле катастарските власти на Кралска Југославија.
На картата многу јасно се претставени џамијата и просторот околу неа, локацијата, но и старото црквиче што постоело на денешните градски гробишта. Но тоа не влева никаква забуна, бидејќи иако точно не е утврдена годината, се претпоставува дека гробиштата таму се дислоцирани во почетокот на минатиот век.
Значи, ако може, а треба да им се верува на турските записи, во Мургашево постоела православна гробјанска црква, и тоа јужно од „Исак-џамијата“. Според овој опис, произлегува дека црквата и гробиштата биле некаде покрај левиот брег на Обедничица, на парцелата со тогашен број 96а, а џамијата на парцелата бр. 943. Сегашните гробишта, пак, со малото црквиче се наоѓаат на парцелата бр. 501.
Кога ги проверив овие податоци на порталот на Агенцијата за катастар на недвижности, наведената парцела според српските топографски карти сè уште се наоѓа како парцела во сопственост на РМ, што дава попрецизна претпоставка дека на оваа парцела се наоѓале црквата и гробиштата на православните мургашевци, а не дека џамијата е изградена врз православна црква и гробишта.

Дефтери и економска слика

Еве што уште се открива од пописните дефтери: „Во пописниот дефтер на Битолската нахија од 1528 година, селото за првпат се споменува под името Мургашево. Во тоа време, покрај христијанското население, во селото биле евидентирани и пет муслимански семејства, што укажува на почетокот на муслиманското населување во овој крај… Во истиот период Мургашево било познато како едно од поголемите производствени места за коноп во областа. Поради развиеното производство, селото годишно плаќало данок од 800 акчиња (турски: akçe – била основна сребрена парична единица во Османлиското Царство), особено во периодот од XIV до XVII век. Зборот ’акче’ буквално значи: ’бело’ или ’сребрено паре’, што за тоа време претставува значителна сума и показател за економската важност на селото.“
Сумирано, сите расположливи извори – османлиските дефтери, етнолошките записи, катастарските карти и локалните преданија – укажуваат на слоевита историска слика на Мургашево, во која христијанската традиција, манастирската припадност и подоцнежните демографски промени се преплетуваат низ различни историски периоди.

Автор: Благоја Шундовски