Во вчерашното попладневно финале на Европското првенство за кадети, јуниори и за постари јуниори, во борби и во кати, македонскиот репрезентативец требаше да се бори со Гор Нерсисјан од Ерменија. Со тоа тој продолжи со освојување медали од големите натпреварувања, оти освои медали и на ланскиот континентален шампионат и на Светското првенство во 2022 година
КАРАТЕ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ И ЗА ЈУНИОРИ ВО ГРУЗИЈА
Македонскиот каратист во борби и член на клубот Макпетрол, Витомир Трајковски, во тежинската категорија до 84 кг, а возрасна категорија за постари јуниори (до 21 година) вчера настапи во финалето на Европското првенство (ЕП) за кадети, јуниори и за постари јуниори, во борби и во кати, во главниот град на Грузија, Тбилиси.
Со тоа тој продолжи со освојување медали од големите натпреварувања, откако освои сребрени медали на ланското Европско првенство во кипарскиот град Ларнака (1.136 каратисти од 41 држава) и на Светското првенство (СП) во 2022 година во Коња (Турција).
– Секако дека сум многу задоволен од она што го покажа Трајковски на татамите во Тбилиси. Во секоја борба, тој храбро, дисциплинирано и умно се бореше. А сите борби, односно противници му беа тешки. Како и да е, дали ќе освои злато или сребро на крајот, за мене неговиот резултат овде е златен – ни изјави по пласманот во вчерашното финале селекторот на постарите јуниори Арлинд Хусеини.
Трајковски е и единствениот македонски претставник од вкупно 28 на годинашното континентално првенство во сите натпреварувачки категории, кој успеа да освои медал на последниот натпреварувачки ден во Грузија.
Конкуренцијата на европскиот шампионат во Тбилиси беше исклучително силна, официјално беа пријавени 1.160 натпреварувачи од 49 држави во сите конкуренции, а Трајковски стигна до финалето откако забележа четири победи, и тоа на дуелите со Давиде Лучијани (3-2) од Италија, Мелос Гаши (1-0) од Албанија, Никита Сахвон (6-1) од Русија и во полуфиналето со Салих Халиловиќ (2-1) од БиХ. Г.И.