Селекторот и тренер во клубот ТК Бутел, Борче Костовски, и Дејан Георгиевски по освоената бронза во Рим

Освојувањето бронзен медал на ваков гранпри-турнир, на кој учествуваат само 32 најдобропласирани од целиот свет, прво претставува голем престиж, а второ и континуитет во нашата работа за да се остане во самиот светски врв во врвниот спорт, вели тренерот и селектор на македонската репрезентација, Борче Костовски

Членот на ТК Бутел, таеквондистот Дејан Георгиевски (категорија над 80 кг), постигна огромен успех на силниот гранпри-турнир „Рим 2022“ од т.н. серија на турнири Г-6, освојувајќи ги третото место и бронзениот медал.
Успехот е дотолку поголем ако се знае дека овој турнир се смета за најсилно рангиран во олимпиското таеквондо, по летните олимписки игри (ЛОИ) и светските првенства (СП), а по квалитет е над европските првенства (ЕП).
Македонскиот олимпиец и носител на сребрен медал од ЛОИ 2020 во Токио, Георгиевски, поради високото рангирање беше носител на група, па во првото коло беше слободен. Во второто коло го победи Роберто Бота од Италија со 2-1, а во третото коло беше поуспешен од Маикон Сеиквира од Бразил со 2-0. Во борбата за влез во финалето, Георгиевски по голема борба загуби со 2-4 од поранешниот олимписки првак, Чеик Салах Сисе од Брегот на Слоновата Коска.
– Ова учество, а особено освојувањето бронзен медал на ваков гранпри-турнир, на кој учествуваат само 32 најдобропласирани од целиот свет, прво претставува голем престиж, а второ и континуитет во нашата работа за да се остане во самиот светски врв во врвниот спорт. Истиот турнир е од серијата Г-6, односно тоа значи дека од него посилно се рангирани само олимписки игри, односно Г-20, и светско првенство, или Г-12. Освоената бронза на Георгиевски му носи нови 20 бода, кои, пак, ќе бидат внесени во јулската листа и со кои е можно тој да оди погоре за две места.

Како и да е, бодовното салдо ќе го задржи помеѓу првите шест во светот, кои, пак, директно вадат виза за настап на ЛОИ во Париз во 2024 година. Но со овој медал не сме направиле ништо, ако не продолжиме да го следиме и во иднина тој успешен континуитет на освојување нови бодови – ни изјави тренерот на Георгиевски и селектор на македонската таеквондо-репрезентација, Борче Костовски.
Георгиевски на јунската светска ранг-листа е на шестото место со 155,15 бода.
– За Георгиевски ова е вторпат да учествува на гранпри-турнир, а прв медал воопшто за Македонија на ваков турнир од серијата Г-6, на кој се работи по олимписки категории. Георгиевски со освоената бронза во Рим, како споредба да кажам, е како да си освоил два златни медала на турнир од серијата Г-1, што претставува супер резултат. Како појаснување, да нагласам дека ЛОИ се турнир од серија Г-20, СП од Г-12, финале на гранпри е Г-8, гранпри е Г-6 и ЕП е Г-4 – вели тренерот во македонската таеквондо-репрезентација, Дарко Костовски.