ФОРМУЛА 1 – АКТУЕЛНИОТ ШАМПИОН ПОБЕДИ НА ТРКАТА ВО УНГАРИЈА
- Едноставно се чувствувам многу силно во последно време, многу посигурно во тоа како да ги извлечам перформансите и работев многу со моите инженери за да го разберам овој автомобил, рече Норис по првиот триумф сезонава
Актуелниот светски шампион во Формула 1 (Ф1), Британецот Ландо Норис, ја забележа својата 12-та победа во кариерата, прва сезонава, откако беше најбрз на патеката Хунгароринг, за големата награда на Унгарија. Тоа беше возење што долго време се очекуваше, по тешкиот почеток на сезоната за актуелниот шампион, пишува „Би-би-си“.
– Не беше моја најдобра втора кривина, но по тоа, гледајќи какво беше моето темпо, бев само подобар во секоја смисла, во однос на деградацијата и темпото, бев убеден дека сѐ уште можам да победам. Предноста во брзината што ја имав беше огромна. Но не знам зошто. Автомобилите се идентични, а јас едноставно се чувствувам многу силно во последно време, многу посигурно во тоа како да ги извлечам перформансите и работев многу со моите инженери за да го разберам овој автомобил, затоа што не е лесен за разбирање и како да се вози постојано на граница. Значи, зошто? Само напорна работа од моите инженери и од мене самиот за да се подобрам како возач и да го подобрам моето возење. Тоа е одговорот – изјави Норис по победата, пренесе „Би-би-си“.
Додека светскиот шампион се движеше кон убедлива победа, во последните кругови се водеше напната борба за преостанатите позиции помеѓу Холанѓанецот Макс Ферстапен и Италијанецот Кими Антонели. Ферстапен едвај успеа да се одржи, а Антонели беше трет, за да ја зголеми својата предност во генералниот пласман на 50 поени, пред Британецот Луис Хамилтон и 59 пред неговиот сонародник Џорџ Расел.
Во генералниот пласман води младиот Антонели (19) со 219 бода, а потоа се Хамилтон со 169, Расел со 160, Шарл Леклер со 138, Норис со 128 бода… Кај конструкторите прв е Мерцедес со 379 бода, пред Ферари со 307 и Мекларен со 220. Во Ф1 следува пауза до 23 август, за кога е закажана трката за големата награда на Холандија, која ќе се вози на патеката „Зандворт“. Г.И.
































