Пораката што британскиот премиер Енди Барнам ја испрати уште во првите денови од својот мандат, како повод
- Од избраните се очекува да го бранат националниот интерес ако сакаат чесно и одговорно да ја вршат својата должност. Тоа е можеби најсилната порака што новиот британски премиер Енди Барнам ја испрати уште во првите денови од својот мандат. Во време кога Европа повторно ја преиспитува рамнотежата меѓу суверенитетот и наднационалните политики, оваа позиција добива тежина што далеку ги надминува британските политички состојби. Особено кога ќе се погледне низ македонската призма – каде што прашањето за националниот интерес одамна престана да биде само политичка дилема и стана суштинско прашање за иднината на државата и нацијата
„Мора да го браните својот национален интерес над сè, тоа се очекува од вас ако сакате оваа работа да ја работите како што треба.“ Во само една реченица новиот британски премиер Енди Барнам ја сумираше суштината на државничката политика.
– Владите не се избираат за да ги застапуваат интересите на други држави, или да прават компромиси, или заради некакви, на пример, евроинтеграции…, туку владите се избираат за исполнување на интересите на сопствените граѓани, на сопствената држава и на сопствената нација – велат нашите соговорници политички аналитичари.
Барнам ја испрати оваа порака во контекст на можните несогласувања со американскиот претседател Доналд Трамп околу британската надворешна политика. Тој јасно порача дека доколку националниот интерес на Обединетото Кралство наложува поинаков став, нема да се двоуми јавно да го каже тоа. Тоа не е израз на конфронтација со најмоќниот сојузник, туку демонстрација на јасен политички став на своите избирачи и државничка самодоверба. Вистинските сојузници се почитуваат токму затоа што меѓусебно ги почитуваат своите национални интереси. Токму Трамп е заслужен за поттикнување на овој тренд.
Државникот не е избран да им угодува на големите сили
Оваа порака заслужува внимание далеку надвор од британските граници. Во последните години низ Европа се чувствува сè посилен политички бран што повторно го враќа националниот суверенитет во центарот на јавната дебата. Во Франција, Германија, Италија, Холандија и во повеќе други држави расте влијанието на политички сили што, без разлика на нивните идеолошки разлики, инсистираат дека иднината на нивните држави мора да се определува пред сè во сопствените институции, а не исклучиво во наднационалните центри на моќ. Тоа не значи отфрлање на европската идеја. Напротив. Сè погласни се ставовите дека Европската Унија може да биде силна само ако ги почитува националниот идентитет, демократскиот легитимитет и достоинството на своите членки, а не ако создава чувство дека државите се принудени да ги релативизираат сопствените интереси. Токму затоа зборовите на Барнам звучат како потсетник на една едноставна политичка вистина – државникот не е избран да им угодува на големите сили, туку да ја брани државата што му ја довериле граѓаните.
Европа повторно го открива јазикот на суверенитетот
Суверенизмот денес повторно станува легитимна политичка тема во Европа. Сè повеќе држави зборуваат за потребата од Европа на рамноправни нации, а не Европа во која помалите земји полесно ги прифаќаат барањата на поголемите. Во таа смисла, Македонија не треба да се чувствува осамено кога зборува за заштитата на својот национален интерес. Напротив, прашањето за зачувување на идентитетот, суверенитетот и демократското право самостојно да се носат клучните одлуки станува дел од поширока европска дебата. Разликата е што кај Македонија ова прашање има многу подлабока димензија. Европската перспектива веќе подолго време се поврзува со барања што допираат до идентитетот, историјата, јазикот и уставниот поредок. За голем дел од македонската јавност токму тука се судираат две легитимни цели – желбата за членство во Европската Унија и обврската да се зачуваат националните позиции и достоинството на државата.
Македонската лекција: европски пат, но не по цена на националниот интерес
Токму затоа пораката на Барнам дава уште еден нов одговор на една суштинско прашање за кое не треба да има дилема. Имено, дали Европа со нејзиниот проект за европска интеграција може да биде трајно успешна ако од една држава постојано се очекува да прави идентитетски и политички отстапки што самата ги доживува како спротивни на својот национален интерес?
Се разбира дека не! Македонија нема причина да се откаже од својата европска определба! Таа останува стратешка цел. Но исто така нема причина ниту да избрзува со решенија што би можеле да остават трајни последици врз националниот идентитет и врз чувството за историска правда. Секој компромис има смисла само ако произлегува од заемно почитување. Компромис што се доживува како еднострана жртва ретко создава трајна стабилност и уште поретко создава доверба. Затоа, наместо повторно да се прифаќа логиката дека секоја нова отстапка автоматски ќе ја приближи земјата кон Европската Унија, Македонија треба трпеливо и мудро да ја зајакнува својата дипломатска позиција и да создава што поширок круг европски пријатели.
Пријатели, а не покровители
На Македонија ѝ се потребни партнери што ќе ја разбираат нејзината специфична позиција и ќе го почитуваат универзалното право на секоја нација на самоопределување, сопствен идентитет и непречен политички, економски и општествен развој. Европа отсекогаш била најсилна кога компромисите биле резултат на еднакво достоинство, а не на политички притисоци, условувања и ултиматуми. Можеби токму затоа зборовите на Барнам денес имаат многу пошироко значење од една изјава дадена по повод односите со Вашингтон. Тие потсетуваат на една универзална политичка вистина, а тоа е дека државниците не се избираат за да бидат удобни соговорници на моќните, туку за да бидат цврсти чувари на интересите на сопствената држава!
Во време кога светот станува сè понепредвидлив, токму способноста да се препознае линијата под која не смее да се оди – линијата на националниот интерес – повторно станува најважната мерка за државничка зрелост. И токму затоа, реченицата на новиот британски премиер заслужува да остане запаметена не само во британската туку и во македонската политичка јавност: „Националниот интерес мора да се брани – над сè“. П.Р.
































