По петтото коло од 14-те предвидени, во водство со по 3,5 поени се Непомнијашчи и Гукеш кај шахистите и Тан кај шахистките

ШАХ

Две партии завршија со победник во петтото коло на Турнирот на кандидатите, иако можеа и сите четири. Индијците Прагнананда Рамешбабу и Видит Гујрати имаа надмоќни позиции, но не ги искористија на дуелите со Русинот Јан Непомнијашчи, односно со Американецот Фабијано Каруана, а Хикару Накамура од САД и Домарају Гукеш од Индија освоија по цел поен на мечевите со Алиреза Фирузја од Франција, односно со Нијат Абасов од Азербејџан. Непомнијашчи и Гукеш сега се во водство со по 3,5 поени (по две победи и три ремија) и со Каруана се единствените непоразени шахисти.
Непомнијашчи ја има најдолгата серија без пораз во историјата на овие турнири, сега е продолжена на 33 партии. Откако ФИДЕ го воведе сегашниот формат со осум играчи, двокружно, трипати победникот се одлучуваше во последното коло (во 2013, 2016 и во 2018 година), а трипати беше познат пред одигрувањето на последното коло (во 2014, 2021 и во 2022 година).
На Турнирот на кандидатките, исто така, имаше пропуштени можности. Русинката Катерина Лагно и Украинката Ана Музичук имаа победнички позиции, но не успеаја на дуелите со Тингџје Леи од Кина, односно со Рамешбабу Ваишали од Индија. Реми потпишаа Индијката Химпи Конеру со Русинката Александра Горјачкина и Жонгји Тан од Кина со Нурѓул Салимова од Бугарија.
Табела (мажи): Непомнијашчи и Гукеш по 3,5 поени, Каруана три, Прагнананда и Накамура по 2,5, Видит два, Абасов и Алиреза 1,5 поени.
Табела (жени): Тан 3,5 поени, Горјачкина три, Лагно, Ваишали и Салимова по 2,5, Конеру, Леи и Музичук по два. Г.И.