ШАХ – ГРАНПРИ-СЕРИЈА 2022

Американските велемајстори (ВМ) Хикару Накамура (2.736 рејтинг-поени), од групата А, и Левон Аронијан (2.772), од групата Ц, се пласираа во финалето на првиот од трите турнири на гранпри-серијата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за 2022 година, што се игра во Берлин.
Во финалето ќе играат две партии, а ако биде нерешено ќе има т.н. тајбрејк со партии со забрзано темпо на игра. Победникот ќе освои 13 поени и 24.000 евра, а второпласираниот 10 поени и 18.000 евра. Полуфиналистите освоија по седум поени и по 12.000 евра. Тоа е епилогот по одиграните партии во четирите групи во Берлин, во кои најдобрите по групи се пласираа во полуфиналето, а од таму во финалето.
Вакви турнири ќе има и во Белград (февруари) и пак во Берлин (март). Првите двајца од оваа вкупна серија турнири ќе бидат последните што ќе се пласираат на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, во јуни во Мадрид. Победникот на тој турнир ќе го предизвика светскиот шампион Магнус Карлсен во мечот за титулата, во 2023 година.