На прашањето дали е подготвен да жртвува настап на турнирите како што се Ролан Гарос и Вимблдон доколку вакцината остане задолжителна, Ѓоковиќ вели: „Да. Подготвен сум да ја платам таа цена, затоа што носењето одлуки во врска со моето тело е поважно од кој било трофеј или што било друго. Се трудам да бидам во склад со своето тело што е можно повеќе“

ТЕНИС – НОВАК ЃОКОВИЌ

Никогаш не бев против вакцинирањето. Разбирам дека сите вложуваат голем напор да се контролира овој „пожар“ и се надевам дека во тоа ќе успеат. Веројатно половина од светот е вакциниран и јас тоа го почитувам, но отсекогаш сум верувал дека треба да постои право на избор за тоа дали ќе се вакцинирате, рече, меѓу другото, најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ, во интервју за „Би-би-си“, велејќи дека бил вакциниран како дете.
На прашањето дали е подготвен да жртвува настап на турнирите како што се Ролан Гарос и Вимблдон и со тоа да ја отфрли можноста да стане најуспешен тенисер во историјата според бројот на освоени гранслем-турнири, ако вакцината остане задолжителна, Ѓоковиќ вели: „Да. Подготвен сум да ја платам таа цена, затоа што носењето одлуки во врска со моето тело е поважно од кој било трофеј или што било друго. Се трудам да бидам во склад со своето тело што е можно повеќе“.
Ѓоковиќ зборуваше и за настаните пред гранслем-турнирот во Мелбурн.

– Разбирам дека има многу критики, дека луѓето излегуваат со различни теории за тоа дали сум имал среќа или како тоа бил многу добар момент. Но никој не е среќен или е добро време да се зарази со ковид-19. Милиони луѓе во светот се разболеа и јас го сфаќам тоа многу сериозно. И навистина не ми се допаѓа што некој мисли дека сум злоупотребил нешто за да добијам позитивен тест и да заминам во Австралија. Луѓето веројатно не знаат дека не бев депортиран во Австралија затоа што не бев вакциниран или затоа што прекршив некои правила или затоа што лошо пополнив виза. Сето ова беше одобрено од Федералниот суд на Австралија и министерот за имиграција. Причината е што министерот за имиграција ја искористи својата дискреција да ми ја откаже визата врз основа на неговата претпоставка дека можам да создадам некакво антивакцинално чувство во земјата или во градот, со што апсолутно не се согласувам – рече Ѓоковиќ во поголемото интервју за „Би-би-си“.