Фото: Европска комисија

По завршувањето на воените вежби и денеска продолжи руското повлекување на силите што беа стационирани во близина на украинската граница, соопшти руското Министерство за одбрана, што Киев и западните престолнини сметаат дека е тешко да се прими за сериозно, јави ДПА.
Според Москва, неколку единици вклучени во маневрите на црноморскиот полуостров Крим, што Русија незаконски го анектираше од Украина во 2014 година, сега се вратени во своите бази.

Руските медиуми покажаа и видео материјал од кој се гледа како вод тенкови и други воени возила патуваат во темнината преку мостот на Крим, што го поврзува полуостровот со континентална Русија.

Министерството за одбрана дава малку информации за видот на силите што се повлекуваат и колку војници се вклучени, пренесува ДПА.

Во првичното соопштение Министерството за одбрана, пренесува МИА, вчера наведе дека по завршувањето на воените вежби почнало повлекувањето на некои војници кои биле распоредени во јужните и западните воени области, во близина на границата со Украина.

Овој потег даде надеж дека кризата долж границата со Украина се намалува по неколкунеделната интензивна дипломатија и закани од Западот за казнување на Русија со санкции доколку се одлучи да изврши инвазија врз соседот.

Мислам дека посетата на претседателот Макрон на Москва го означи крајот на ескалацијата. Дали е ова почеток на десекаладата? Мора да видиме, одговори Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност во интервју за „Франс Интер“, јави дописникот на МИА.

-Русија игра топло-ладно. Мора да бидеме подготвени да преговараме, доколку можеме, но и да покажеме одвраќање, доколку преговорите не се можни.

Борел минатата недела кажа дека Европа во моментот го живее најопасниот период од крајот на Студената војна.

-Постои можеби охрабрувачки знак, но од друга страна секогаш има загрижувачки знаци: фактот дека Думата гласаше за предлогот со кој се бара од Путин да признае независна република во Украина, што се потпира на погрешната страна. Доколку Украина беше нападната, дали мислите дека проблемот би бил „Северен тек -2“. Тоа би било снабдувањето со гас во Европа, рече тој. „Ние добиваме 40 отсто од европскиот гас од Русија – објаснува тој.

Борел одговараше на прашања во моментот кога Русија го потврди крајот на маневрите на Крим.
-Ако е вистина, тоа е нов знак на опуштање, но секогаш е потребно да се провери, забележа дипломатот, додавајќи дека „не бевме ние тие кои собраа војници на границата“.