На традиционалната спортска манифестација „Асовите бираат асови“ за 2023 година, која неодамна се одржа во Велес, во организација на Сојузот на спортските новинари на Македонија, а под покровителство на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), на македонската шаховска легенда, интернационалниот мајстор (ИМ) Димитар Илиевски му беше доделена награда за животно дело. На свечената пригода, Илиевски доби „златна плакета“ за 50 години афирмација на шахот во Македонија.
– Особено ми е драго што ова високо признание го добивам во годината кога славам два мои значајни јубилеја, а тоа се 65 години како еден од врвните шахисти на Македонија и исто толку години од мојата прва симултанка одиграна во Прилеп, во 1959 година – изјави по примањето на заслужената награда славеникот Илиевски. Г.И.