Фото: Игор Бансколиев

МАКЕДОНИЈА УТРЕ ГО ИГРА ИСТОРИСКОТО ОСМИНАФИНАЛЕ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Сигурно дека ќе биде тешко, но ние треба да го најдеме задоволството од ова наше учество во Бари, се пласиравме меѓу најдобрите 16. Овој резултат треба да биде поттик за иднината на македонската одбојка, вели македонскиот селектор Миленкоски во пресрет на мечот на Македонија утре (од 18 часот) во Бари со Италија, актуелниот европски (од 2021 година) и светски првак (2022 г.)

Македонската одбојкарска репрезентација по поразот со 0-3 (19-25, 23-25, 17-25) од Чешка во петтото коло од групата Ц во Скопје, на 33. Европско првенство (ЕП), во осминафиналето утре (од 18 часот) во италијанскиот град Бари ќе игра со актуелниот европски (од 2021 година) и светски првак (2022 г.), Италија.
– Ќе биде тешко, но истовремено и задоволство да се игра меѓу најдобрите 16 европски селекции, што наедно е и наш најголем успех на европските првенства. Истовремено, ова е и ретка можност да се игра со моментално двете најдобри селекции, Италија, која е светски и европски шампион, а во Скопје веќе игравме со Полска. Италија има генерација каква што немала одамна. Атмосферата таму ќе биде пеколна, оти нивните сали секогаш се исполнети. Италија досега освоила сѐ што може да се освои, а ѝ недостига уште олимписко злато. Сигурно дека ќе биде тешко, но ние треба да го најдеме задоволството од ова наше учество во Бари, се пласиравме меѓу најдобрите 16. Овој резултат треба да биде поттик за иднината на македонската одбојка – изјави македонскиот селектор Јошко Миленкоски.

Црвено-жолтите го освоија четвртото место во групата, со две победи (Данска 3-1 и Црна Гора 3-0) и три порази (Полска, Холандија и Чешка со по 0-3), што е и најдобар пласман на ЕП (Македонија беше 17-та на ЕП 2019 и 23-та на ЕП 2021). Италија во својата група оствари пет победи, совладувајќи ги со по 3-0 Србија, Белгија, Естонија и Швајцарија, а Германија со 3-2. Во составот на Италија се одбојкари од светска класа, како што се Александро Микелето, Роберто Русо, Даниеле Лавија, Симоне Џианели, Јури Романо…, предводени од селекторот Фердинандо де Џорџи.

– Секако, ќе го извадиме позитивното од турнирот во Скопје, Македонија ја донесовме меѓу 16-те најдобри, ќе дојдеме до напредок на светската ранг-листа, а зошто да не сонуваме и за настап на Светското првенство во 2027 година, на кое ќе играат 32 селекции – изјави капитенот Никола Ѓоргиев. Г.И.