Кугларите ќе играат против повеќекратниот светски првак Србија, Чешка и Данска, а кугларките ќе ги одмерат силите со актуелниот шампион Германија, Австрија и со Франција

КУГЛАЊЕ – ПО ЖДРЕПКАТА ЗА ЕКИПНОТО СП 2023 ВО ВАРАЖДИН

Машката и женската кугларска репрезентација на Македонија ќе биде дел од екипното Светско првенство (СП) в година во Вараждин (Хрватска), а по ждрепката влечена во Чешка, и двете селекции се во групата Б, со силни противници. Мажите, предводени од селекторот Дамир Фучкар, ќе играат со повеќекратниот светски првак Србија, секогаш незгодната Чешка и со Данска, а жените, под водство на селекторот Перо Гијевски, против актуелниот шампион Германија, Австрија и Франција. Првите две селекции од секоја од четирите групи одат во четврт-финалето.
– Шансата за пласман во четврт-финалето ќе ја бараме во мечот со Чешка. Објективно сме подобри од Данска, а Србија како неколкукратен светски првак е многу подобра од нас. Женската репрезентација, пак, е аутсајдер во својата група, иако може да оствари една победа, и тоа против Франција. Веќе почнавме да размислуваме за подготовки и во тој правец е закажан пријателски натпревар со БиХ во машка и во женска конкуренција во Битола, на 3 декември. Остатокот од подготовките ќе го планираме во согласност со календарот на КФМ и лигата – вели тренерот и играч во репрезентацијата Димитар Димитровски, кој зад себе има мошне богато играчко меѓународно искуство.
Најголеми успех македонското машко репрезентативно куглање постигна на СП во 2013 година, во Унгарија, кога го освои сребрениот медал.

– Фаворити за многумина се Србија кај мажите и Германија кај жените, но лично очекувам на ова СП, Словенија, Полска и, секако, Македонија да бидат пријатно изненадување. Квалитетот не бил никогаш толку изедначен и сметам дека во фазата на испаѓање, пресудна ќе биде психолошката подготвеност на играчите. Одлучувачки ќе биде дуелот со Чешка, а нашите куглари за успех ќе треба да ја достигнат бројката од 3.800-3.850 соборени кегли, што секако ќе биде предизвик, но со малку повеќе работа е можно и тоа. Кај девојките, ова ќе биде враќање на голема сцена по една деценија, имаме нова генерација кугларки со кои се работи и очекувам борба за победа со Франција, а Австрија и Германија се објективно посилни од нас – вели претседателот на Кугларската федерација на Македонија, Игор Михајловски.
Македонија на претходното СП, лани во Полска, го освои 12-то место од 14 репрезентации. За СП во Вараждин се пријавени 17 машки и 16 женски репрезентации. Титулите ги бранат Србија (мажи) и Германија (жени). Г.И.