Фото: ЕПА

Потенцијалните идни апликации на рециклираните јаглеродни влакна се многу возбудливи. Тој материјал нуди до 85 отсто од оригиналната сила на јаглеродните влакна, што го прави доволно силен за различни примени во Ф1 и пошироко. Ќе продолжиме тесно да работиме со ФИА, Ф1 и со колегите во тимовите за да помогнеме да се забрзаат промените, рече главниот оперативен директор на Мекларен, Пирс Тин

Мекларен ќе ја проба употребата на рециклирани јаглеродни влакна на нивните болиди на трката во Формула 1 (Ф1) на трката во САД неделава, пишува „Би-би-си“. Тие ќе се користат на панелите на кокпитот на автомобилите.
Ако експериментот биде успешен, Мекларен ќе продолжи да го користи материјалот до крајот на сезонава и планира да ја прошири неговата употреба во следните години. Рециклираните јаглеродни влакна нудат голем број еколошки придобивки, вклучувајќи и намалување на емисиите на јаглерод од животниот циклус за 90 отсто, рекоа од Мекларен, пренесе „Би-би-си“.
– Потенцијалните идни апликации на рециклираните јаглеродни влакна се многу возбудливи. Тој материјал нуди до 85 отсто од оригиналната сила на јаглеродните влакна, што го прави доволно силен за различни примени во Ф1 и пошироко. Ќе продолжиме тесно да работиме со ФИА, Ф1 и со колегите во тимовите за да помогнеме да се забрзаат промените – рече главниот оперативен директор на Мекларен, Пирс Тин.
Ф1-тимовите користат јаглеродни влакна за производство на повеќето делови од нивните болиди поради неговата способност да комбинира сила со мала тежина.
Материјалот сѐ повеќе се користи во други индустрии, како што се воздухопловството и автомобилската индустрија, па дури и домашното аудио, поради неговиот широк опсег на својства, пишува „Би-би-си“. Но производството на јаглеродни влакна е исклучително интензивно на јаглерод и правењето на болидот е еден од најголемите фактори што придонесуваат за јаглеродниот отпечаток на Ф1-тимовите. Мекларен во соопштението рече дека намалувањето на емисиите обезбедено со користење рециклирани јаглеродни влакна е еквивалентно на 27 тони емисии на јаглерод за секој тон употребен материјал и дека ако „само еден отсто од јаглеродните влакна произведени на глобално ниво во 2022 година беа рециклирани, тоа ќе заштедеше 32.535 тони јаглеродни емисии“. Ова е во согласност со пошироките цели за одржливост на Ф1. Спортот вети дека до 2030 година ќе има нето нула јаглерод, а од 2026 година воведува целосно одржливи синтетички е-горива како дел од збир на нови регулативи за моторот, кои значително го зголемуваат уделот на хибридната моќност во вкупната моќност на моторот, пишува „Би-би-си“. Н.М.