Капитенка на Канада постигна два гола во финалето, притоа постави и нов олимписки рекорд, постигнувајќи гол на четвртиот последователен меч за златен медал (постигна седум од 10-те гола во четирите финалиња) како прва личност, жена или маж, во историјата на Игрите, од 1920 година досега. За неа тоа е третиот златен медал во хокеј на мраз на ЗОИ

Канаѓанката Мари-Филип Пулан си обезбеди место во спортската историја на својата земја со освојувањето на третиот златен медал во хокеј на мраз за жени на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг. Пулан (30), капитенка на Канада, постигна два гола во финалето, за победата над САД со 3-2, притоа постави и нов олимписки рекорд, постигнувајќи гол на четвртиот последователен меч за златен медал (постигна седум од 10-те гола во четирите финалиња) како прва личност, жена или маж, во историјата на Игрите, од 1920 година досега. Овој триумф беше и реванш на Канада, петкратниот олимписки шампион, за поразот од САД во финалето пред четири години на ЗОИ во Пјонгчанг. Тогаш Пулан постигна еден гол.
– Чувството е одлично. Беше напорно, но ова е наградата. Секој медал е различна приказна. Сите се уникатни – изјави Пулан по победата во финалето.
Поради сево ова се разжестија полемиките во нејзината земја дали Пулан, која има златни медали од Ванкувер во 2010 година, Сочи во 2014-та и од Пекинг 2022 година, и сребро од Пјонгчанг во 2018-та, е најголемиот олимпиец на Канада на сите времиња. Покрај олимписките медали, таа има и девет медали од светските првенства (СП) од кои два се златни, а сѐ на само 30 години.

Гледањето како хокеарките на Канада ги победуваат САД во финалето на Игрите во Солт Лејк Сити во 2002 година и го освојуваат првиот златен медал било инспирација за тогаш 10-годишната Пулан. Во тоа удел имал и постариот брат Пјер-Александер, кој, исто така, бил хокеар и чии натпревари, заедно со родителите, таа редовно ги следела. На 18-годишна возраст, Пулан веќе беше олимписка шампионка и освојувачка на сребрен медал на СП. Во 2015 година, таа стана капитен и предводник на новата генерација хокеарки на Канада. На Игрите во Пекинг, Пулан беше знаменосец на церемонијата на отворањето.
– Тоа е нешто посебно, тоа беше голема чест за мене и ме потсети на моите први Игри во Ванкувер, кога влегував зад Клара Хјуз, гледајќи ја со таа насмевка и со гордоста како го носи знамето, беше неверојатно – изјави Пулан.
Хјуз е освојувачка на четири олимписки медали на три ЗОИ во брзо лизгање, меѓу кои злато во 2006 година, а освои и две бронзи во велосипедизам, на три летни олимписки игри, настапувајќи на вкупно шест Игри.