Димитар Димитровски собори најмногу кегли

КУГЛАЊЕ

Меѓу 25 екипи од 14 држави, во полуфиналето се пласираа романски Клуж, хрватски Задар и германските екипи Брејтенгубах и Халбергмос

Актуелниот првак на Македонија, Макпетрол, го освои 12-то, а Вардар 14-то место на 20-от куп НБЦ, трето по квалитет, но и најмасовно меѓународно кугларско натпреварување, кое се одржува во Клуж, Романија. Во конкуренција на 25 екипи од 14 држави, Макпетрол по трите квалификациски дена собори вкупно 3.574 кегли (Ибрахим Мемнеди 556, Игор Беличански 594, Сашо Трпковски 620, Милош Радојичиќ 611, Младен Донковски 600 и Дарко Марковиќ 593), а вардарци урнаа 3.557 кегли (Пецо Димовски 595, Димитар Димитровски 644, Коста Ристевски 553, Костадин Манев 602, Драги Ѓорѓиовски 575 и Дарко Димитровски 588 кегли).
– Секогаш може подобро, и поединечно и клупски. Резултатот е солиден за нас и тоа е моментната реална слика, но никако не е доволен за поголем успех во некој од европските купови. Подготвеноста, односно состојбата на кугларниците кај нас и низ Европа не може да се спореди. Квалитетните натпревари што ги играат европските екипи во домашните лиги и натпреварите што ние ги играме во нашата лига исто така не можат да се споредат – вели Донковски.

Макпетрол ги оствари најголемите успеси во овој куп во Аугсбург (Германија) во 2013 година, кога беше втор, и во 2014-та во Еринген (Германија), кога го освои четвртото место. Вардар, пак, досега учествувал во сите три можни купа, а настапите на Светскиот куп му се особено драги. Пред да одат во Романија, на меч во Бачка Топола, Србија, поставија нов неофицијален клупски рекорд од 3.645 соборени кегли. Стариот изнесуваше 3.608.
– Во моментов ова е реална слика. Да бевме во комплетен состав, ќе бевме некое место погоре. Сепак, сметам дека покажавме солидна игра, имаме капацитет за повеќе, но тоа е една игра и треба сите коцки да се поклопат за да се оствари многу повисок пласман – вели Дарко Димитровски.

Во полуфиналето, кое се играше вчера, се пласираа романски Клуж, хрватски Задар и германските екипи Брејтенгубах и Халбергмос. Г.И.