СВЕТСКИ УНИВЕРЗИТЕТСКИ ИГРИ
Вицешампиони станаа машкиот и женскиот екипен состав во борби, а бронза освои Давид Петков, сите од универзитетот „Свети Кирил и Методиј“
Македонската машка карате-репрезентација во борби од скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ го освои сребрениот медал на Светските универзитетски игри во боречки спортови, кои се одржаа во турскиот град Самсун (21-30 септември). Во финалето, македонскиот состав загуби со 1-3 од селекцијата на Јордан. Боите на Македонија ги бранеа Петар Спасеновски, Давид Петков, Димитар Илиевски, Глигор Петков и Петар Заборски.
Со сребрен медал, односно вицешампионско место се закити и македонскиот женски состав во борби од истиот универзитет, откако во финалниот дуел со 0-2 загуби од соодветниот состав на Хрватска. За овој успех се најзаслужни Ангела Мојсовска, Викторија Јовановска, Марија Петровска и Моника Пендаровска.
Во поединечна конкуренција, пак, бронзен медал освои Давид Петков во категоријата до 67 кг, откако на татамите го совлада со 1-0 Украинецот Давид Јановски. Ангела Мојсовска (до 68 кг), Викторија Јовановска (до 61 кг) и Марија Петровска (до 55 кг) ги загубија борбите за бронзениот медал во своите категории, односно завршија како петтопласирани, што е висок пласман.
– Задоволни сме и горди од постигнатиот резултат. Успеавме да освоиме два сребрени и еден бронзен медал, како и три петти места, што претставува висок пласман, но и доказ дека имавме одличен настап и на ова големо натпреварување. Оваа селекција веќе е докажана како многу квалитетна и продолжува да нѐ радува со постигнување големи успеси. Со малку среќа, можевме да имаме и дуплиран број на медали. Оваа генерација во машка конкуренција се издвојува како најуспешна студентска генерација, бидејќи тие се единствени што успеале да бидат трипати финалисти во дисциплината борби, екипно. Двапати успеаја на европските универзијади, прво во Загреб, Хрватска, каде што освоија сребро, а по две години и злато на следните игри во Лоѓ, Полска. А сега им успеа да станат сребрени медалисти на светско ниво – вели Бошко Заборски, селекторот на македонската универзитетска карате-репрезентација.
На Светските универзитетски игри во боречки спортови настапија околу 1.100 натпреварувачи од 300 универзитети од 50 држави во боречките спортови карате, бокс, борење, самбо, маутаи и вушу. Г.И.