Фото: Архива на „Нова Македонија“

САД со нов импулс за борбата против корупцијата во земјава

Во рамките на проектот „Следење на националните активности во борбата против корупцијата“, во организација на Институтот за човекови права од Скопје и американската амбасада, беше искажана една гласна и решителна порака за македонската јавност. Имено, вршителот на должноста амбасадор на САД во земјата, Ерик Мејер, го пренесе впечатокот на Вашингтон дека недостига огромно парче во антикорупциската сложувалка во земјава. Пораката беше дека Македонија мора да најде начин да ги разбие заднинските политички мрежи што овозможуваат цветање на корупцијата и мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи, како и дека досега напредокот на овој фронт сериозно недостигаше…

Сѐ понагласените забелешки за широкораспространетата корупција што властите во земјава ги добиваат од меѓународните партнери го наметнуваат прашањето постојат ли воопшто некакви нови, иновативни „поефикасни мерки“, методи, формули или механизми за елиминирање на коруптивните активности, а нашите власти да не ги знаат или погрешно ги практикуваат?!

Тоа особено поради досегашното искуство, според кое, правосудните органи, за кои, патем, исто така се потврди дека се подложни на корупција, во принцип, не си ја вршат работата или, пак, ја вршат селективно, заради лични, семејни, партиски пресметки.

Во наизглед затворениот круг на надмудрувања помеѓу тие што сѐ посериозно укажуваат на корупцијата и претставниците на власта, кои невешто се обидуваат да ја одржат во живот приказната за „решителноста во справувањето со оваа појава“, во пошироката јавност како да остана недоволно третирана една мошне силна порака.

САД сѐ порешителни да стапнат „на опашката“ на корупцијата во регионот

Имено, откога пред некој ден Соединетите Американски Држави ја ставиле и државната обвинителка на Босна и Херцеговина, Диана Кајмаковиќ, на листата на санкционирани функционери, портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, најави дека наскоро може да се очекуваат уште слични акции во регионот.
– Една од нашите цели, кога станува збор за Западен Балкан, е со тамошните власти и граѓани да работиме на елиминирање на корупцијата. Санкциите се една од важните алатки во борбата против корупцијата на Западен Балкан.

А дека ова не е општа оцена покажува и изјавата што пред некој ден ја даде вршителот на должноста амбасадор на САД во земјата, Ерик Мејер.
– Недостига огромно парче во антикорупциската сложувалка во Северна Македонија. Земјата мора да најде начин да ги разбие заднинските политички мрежи што овозможуваат цветање на корупцијата. Мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи. Досега, напредокот на овој фронт сериозно недостигаше – предупреди Мејер на конференцијата што во рамките на проектот „Следење на националните активности во борбата против корупцијата“ ја организираа Институтот за човекови права од Скопје и американската амбасада.

Фото: Игор Бансколиев

По повеќегодишниот застој, Америка повторно ќе се фокусира на Македонија

Инаку, главната обвинителка на БиХ, Кајмаковиќ, според објаснувањето од САД, е ставена на „црната листа“ поради „континуирани обиди за поткопување на демократијата и владеењето на правото во БиХ“. Таа е последна во низата функционери во БиХ и од другите земји од Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија, кои беа санкционирани од САД поради дестабилизирачки и коруптивни активности. Создавањето на црната листа е донесено во согласност со декретот од минатата година на претседателот на САД, Џо Бајден, со кој им се дава овластување на сојузните власти да блокираат имот и да им забранат влез на сите лица за кои администрацијата во Вашингтон ќе оцени дека работат на штета на клучните договори во регионот на Западен Балкан.

Декретот е насловен „Извршна наредба за блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица што придонесуваат кон дестабилизација на состојбата на Западен Балкан“. А за потсетување, САД се еден од поголемите финансиери на државите во регионот.

Претходно, САД, поточно Канцеларијата за контрола на странски средства на тамошното министерство за финансии, истото тоа го направи и со редица функционери од регионот. А колку оваа акција е систематска покажува и она што веќе би требало да го знаат сите иматели на банкарски сметки во земјава, бидејќи, за да си ги задржат сметките во банките, во изминативе неколку години беа повикувани да потпишат одредени изјави за карактерот на своите приходи.

Освен тоа, вреди да се потсети оти пред нешто повеќе од еден месец Македонија влезе и во проекциите на американската фискална 2023 година, така што веќе од први октомври оваа година може да се смета оти парите на даночните обврзници од САД, за почеток како поддршка на буџетот на македонското Министерство за одбрана, се трошат во земјава.

Упатените велат дека пораката што се испраќа со тоа е дека најмоќната држава во светот, по повеќегодишниот застој, повторно се фокусира на Македонија и на доведувањето во ред на нештата во државата. Д.М.М.