КАРАТЕ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Македонското карате ќе биде застапено со тројца натпреварувачи на престижната Премиер-лига, која ќе се одржи викендов во Египет. На татамите во Каиро ќе настапат Петар Спасеновски (категорија до 84 кг), Стефан Стојановиќ (над 84 кг) и двајцата од КК Макпетрол во машка, како и Вероника Костовска (до 61 кг) од Олимпик спорт во женска конкуренција.
Костовска беше единствената македонска претставничка што настапи на претходниот турнир во Премиер-лигата, одржан во кинескиот град Хангжу, каде што забележа две победи и еден пораз и беше на чекор до пласман во четврт-финалето.
– Напорно се подготвуваме овој период како и секогаш. Формата се крева и можам да кажам дека е на завидно ниво. По Првенството на Македонија и плејофот, ова е последна проверка пред Европското првенство. Како и досега, очекувањата се големи, ќе дадам максимум да се претставам себеси и Македонија во најдобро светло – ни изјави повеќекратната шампионка на Македонија и европска првенка во кадетска конкуренција од 2015 година, Костовска.
Во Премиер-лигата настапуваат најдобропласираните 32 каратисти и каратистки во светот по категории, а за овој настан се пријавени 378 натпреварувачи од 65 држави. Г.И.