На Европскиот клупски куп ќе игра само женската екипа на Гамбит Асеко СЕЕ. На машкиот турнир треба да настапат 69 екипи, а на женскиот 17, од кои скопскиот клуб е рангиран на 12-то место

ШАХ

На 37. Европски клупски куп (ЕКК) во шах, кој треба да се одржи во австрискиот град Мајрхофен-Зилертал (од 2 до 10 октомври), Македонија ќе ја претставува само женската екипа на Гамбит Асеко СЕЕ. За разлика од порано нема да настапат македонскиот првак Алкалоид, кој во 2016 година во Нови Сад стана европски првак, како и машкиот тим на Гамбит Асеко СЕЕ.
– Имавме подготвено и машки тим, кој ќе го претставуваа млади македонски надежи, а не поискусните шахисти, но наводно, според организаторот, сме задоцниле со пријавувањето. Па така, боите на клубот ќе ги брани само женската екипа, која на ЕКК во Скопје во 2015 година го освои сребрениот медал, што претставува најголем успех на македонскиот женски клупски шах. И годинава имаме добар состав и очекувам солиден пласман – ни изјави капитенот на екипата што ќе настапи на ЕКК во Австрија, ФИДЕ-мајсторот Зоран Стојчевски.
На машкиот турнир во Австрија треба да настапат 69 екипи, а на женскиот 17, од кои скопскиот клуб е рангиран на 12-то место.
Боите на Гамбит Асеко СЕЕ ќе ги бранат Бугарките ЖВМ Викторија Радева (2.260 рејтинг-поени) и ФМ Белослава Крастева (2.270), Србинките ЖИМ Сандра Ѓукиќ (2.138) и ЖИМ Љиља Дрљевиќ (2.172) и македонската репрезентативка Ивана Манова (1.876).
Лани Европскиот клупски куп се одржа во Струга (Македонија досега трипати била организатор на Европскиот клупски куп, во Охрид, Скопје и во Струга), каде што настапи и актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен. Во машка конкуренција тогаш настапија 38, а во женска конкуренција осум клуба. Г.И.