ТЕНИС – ДЕЈВИС-КУП
- Пласман во Втората светска група остварија и Молдавија и Летонија по турнирот на Третата европска група во Кишињев
Македонската тениска репрезентација се пласира во Втората светска група од Дејвис-купот откако во Кишињев (Молдавија), во дуелот за третото место во Третата европска група, ја победи Црна Гора со 2-1. На тој турнир прва беше Молдавија, а втора Летонија.
Решавачкиот поен македонските тенисери го освоија во мечот на двојки, во кој Калин Ивановски и Олег Приходко ги победија Петар Јовановиќ и Алекса Кривокапиќ со 2-0 во сетови (7-6 и 6-2). Претходно во првиот поединечен дуел Ивановски го победи Срѓан Кнежевиќ со 6-2 и 6-4, а Приходко загуби од Јовановиќ со 4-6 и 5-7. По двете победи во групата, на дуелите со Косово (3-0) и со Грузија (1-2) и поразот од домаќинот Молдавија (1-2), Македонија беше втора во групата и мораше да ја победи Црна Гора за пласман во повисок ранг. Ова беше седми меѓусебен дуел помеѓу Македонија и Црна Гора и сега меѓусебниот биланс е 4-3 за Македонија. Македонскиот тим во Кишињев настапи во состав Калин Ивановски, Олег Приходко, Кристијан Јанев и Амар Хусеиновиќ, а ги предводеше селекторот Горан Шевченко.
– Имавме многу добар тим годинава. Лани, исто така успеавме да имаме промоција, но се вративме во Третата европска група по поразот од Кипар и сега повторно имаме промоција, пласман во Втората светска група. Одиме чекор нагоре. Првиот ден немавме среќа против Молдавија, имавме неколку повреди, но како минуваше неделата беше подобро и на крајот сѐ што работевме даде резултат, а играчите покажаа што значи да се игра за Македонија – изјави Шевченко. Г.И.


































