Македонски знаменосци на отворањето на Игрите ќе бидат таеквондистката Милијана Рељиќ и двократниот европски првак, каратистот Емил Павлов. Македонија ќе има претставници и во мечување, кајак, бокс, стрелаштво и во текбол

ПОЧНУВААТ ТРЕТИТЕ ЕВРОПСКИ ИГРИ, КРАКОВ (ПОЛСКА)

Македонија на претстојните трети Европски игри (ЕИ) во Краков (Полска), кои ќе се одржат од среда до 2 јули, ќе ја претставуваат вкупно 17 спортисти во седум спорта. Најмногубројни се натпреварувачите во мечување, каде што ќе настапат четворица, а во таеквондо, кајак и во бокс, Македонија ќе има по тројца претставници. Македонски знаменосци на отворањето на Игрите ќе бидат таеквондистката Милијана Рељиќ и двократниот европски првак, каратистот Емил Павлов.
На Игрите во Краков, 48 земји ќе се натпреваруваат во 29 спорта. Од нив 19 се и квалификации за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз в година. За време на ЕИ ќе се одржат и натпревари од Европска атлетска лига (прва, втора и трета) на која ќе учествуваат и македонски атлетичарки и атлетичари.
– Екипата е спремна и ќе настапиме со респектабилна бројка од 17 спортисти во седум спорта. Повеќето од нив се со соодветни норми и мислам дека овие Европски игри ќе бидат многу значајни, бидејќи се лакмус за претстојните Летни олимписки игри, кои со нетрпение ги очекуваме. Подготовките сите си ги одработија во рамките на нивните можности, оти е натпреварувачки циклус. И овој пат очекувам да имаме квалитетни резултати, секако и медали, бидејќи македонскиот спорт е во подем – рече претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски.
На првите Европски игри, одржани во 2015 година, во Баку (Азербејџан), Македонија настапи со 12 спортисти, а бронзени медали освоија каратистите Павлов и Мартин Несторовски. На вторите Европски игри, во 2019 година, во Минск (Белорусија), учествуваа 45 спортисти од Македонија, но без освоен медал. Г.И.


УЧЕСНИЦИ НА ЕВРОПСКИТЕ ИГРИ

Никола Николовски мечување
Петар Србиноски мечување
Петар Дамјаноски мечување
Матеј Тодороски мечување
Милијана Рељиќ таеквондо
Анамарија Георгиевска таеквондо
Дејан Георгиевски таеквондо
Анѓел Петрушев кајак
Никола Малевски кајак
Владимир Малевски кајак
Озмен Илхан Атила бокс
Ален Рустемовски бокс
Арјан Исени бокс
Анастасија Мојсовска стрелаштво
Мартин Ангелески стрелаштво
Емил Павлов карате
Димитар Пејчиновски текбол