По периодот на суша, обилните и интензивни дождови за речиси две недели ја наполнија браната Калимаци

Престанувањето на врнежите доведе до смирување на водостоите на реките и сега се очекува нивото на водата да се намали, вели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Според него, и покрај тоа што коритото на реката Вардар во општината Јегуновце сѐ уште е полно, состојбата полека се смирува, а за тоа придонесува што нема нови врнежи. Хидроцентралата „Вруток“ и натаму ќе остане затворена и нема да се испушта вода во Вардар за да не се придонесе кон дополнително зголемување на нивото. Намалување на водостојот, Ангелов вели дека има и кај Кочанска Река и неговите очекувања се дека таа ќе биде стабилна во текот на денот. За мостот на реката Пчиња, Ангелов рече дека тоа е во надлежност на локалната самоуправа и таа треба да процени дали ќе го остави во употреба, но, според него, нивото на реката е намалено и водата не претставува закана на мостот.
Од Секторот за хидрологија при Управата за хидрометеоролошки работи велат дека се очекува постепено намалување на водостојот на реката Вардар во горниот дел од нејзиното течение, додека во средниот и долниот дел од течението ќе има зголемување на водостојот. Посочуваат дека е забележан и минимално зголемен водостој на реката Лепенец, а сите други водостои на реките низ земјава се во опаѓање и тој тренд се очекува да продолжи. Од УХМР посочуваат на внимателност во сливот на реката Вардар, каде што во средниот и долниот дел од течението ќе има висок водостој. Според УХМР, од денес ќе има сончево и значително потопло време, освен во среда кога се очекува локален развој на нестабилна облачност со услови за краткотраен пороен дожд и појава на грмежи.

Висок водостојот во горниот дел од сливот на реката Вардар

Центарот за управување со кризи (ЦУК) координираше да се сопре целосно истекот од ХЕЦ „Вруток“ за да нема дополнителен прилив на вода во коритото на реката Вардар. Нивото на реката Вардар е високо, па ова е превентивна мерка од можните излевања на реката во Полошката Котлина.
– Според последните податоци од хидролошките станици низ земјава, сѐ уште е висок водостојот во горниот дел од сливот на реката Вардар и таму се очекуваат локални излевања на реката, особено во Полошката Котлина. Висок е водостојот на реката Вардар и во Скопје, а зголемен водостој се очекува и низводно од Скопје кон Орешани, Зелениково, Таор и Велес поради движењето на поплавниот бран – информираат од ЦУК.
Оттаму посочуваат дека висок водостој има и реката Треска, додека на другите водотеци има намалување или стагнација на водостоите во однос на утринските. ЦУК издаде предупредување и за внимателност на мостот во селото Пчиње, кој има слаба конструкција, а може да има проблеми, кога зголеменото ниво од Крива Река ќе дојде до реката Пчиња.

Калиманци од половичен водостој дојде речиси до максималното ниво

За само три месеци, браната Калиманци од половичен водостој деновиве дојде речиси до максималното ниво од 115 милиони кубни метри вода, додека браната Гратче кај Кочани до максимумот од 2,2 милиони кубни метри вода. Раководителот на подружницата „Брегалница“ од Кочани, Благојчо Богатинов, вели дека честите и поројни дождови што го зафатија регионот придонесоа за неполни две недели овие акумулации да се наполнат речиси до максималното ниво.
– Во овој период имаме обилни и интензивни врнежи од дожд, кои ги наполнија и двете акумулации, но состојбата е под контрола. Деновиве се врши испуст на водата онолку колку што изнесува приливот. Се врши испуст и за Калиманци, но и за двата канала за наводнување за потребите на оризопроизводителите и другите земјоделци во регионот – вели Богатинов.
Од браната Калиманци во моментот превентивно се испуштаат по околу 18 кубни метри вода во секунда што се користи за производство на електрична енергија. Дотокот во акумулацијата е со променлив капацитет и во просек се движи над 20 кубни метри во секунда.
– Во текот на денот од реката Брегалница измеривме доток од 45 кубни метри во секунда, така што преостануваат само околу 10 сантиметри до максималното ниво на Калиманци, по што е можно да дојде до прелевање преку ѕидот на браната. Браната Гратче веќе е на прелив, а нашите екипи се на 24-часовно дежурство на терен, ја следиме состојбата околу рамничарските села во Кочанско. Најсериозно е кај селото Долни Подлог, во близината на оранжерискиот комплекс „Зелена куќа“. Овде нивото на Кочанска Река е на максимална кота и го загрозува мостот на локалниот пат кон Облешево. Деновиве дојде до извесно намалување на водата, па нема опасност од поплавување на комплексот – рече Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани. Р,Н.М.