Фото: Игор Бансколиев

Црвено-жолтите ремизираа 2-2 во Саутемптон во 2002 година, во квалификациите за Европското првенство во 2004 година, а потоа и 0-0 во Манчестер во 2006 година, во циклусот квалификации за пласман на континенталниот шампионат во 2008 година

ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Македонската фудбалска репрезентација, по поразот во петокот од Украина, дома, со 2-3 (2-0), вечерва (20.45 часот) третпат ќе ѝ гостува на Англија, вторпат во Манчестер, сега во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство в година во Германија. Од оваа група вечерва играат и Украина и Малта, во Трнава (Словачка), а репрезентацијата на Италија е слободна, бидејќи настапува на фајналфор-турнирот во Лигата на нациите (вчера играше во мечот за третото место, со Холандија).
Црвено-жолтите досега четири пати играа со Англија, двапати дома загубија (0-1 и 1-2), но на гостински терен немаат пораз, откако забележаа две ремија.
Македонија одигра нерешено 2-2 во Саутемптон во 2002 година, во квалификациите за Европското првенство во 2004 година (единствен натпревар во тој циклус во кој Англија не победи дома), а потоа 0-0 во Манчестер, во 2006 година, во циклусот квалификации за пласман на Европското првенство во 2008 година (единствен меч во тој циклус во кој Англија не постигна гол на меч на свој терен).
Англија води убедливо во групата Ц во квалификациите за ЕП 2024, откако на три меча забележа три победи, со вкупна гол-разлика 8-1 (победија на гости кај Италија со 2-1 и кај Малта со 4-0, како и дома со Украина, со 2-0). Хари Кејн постигна по еден гол на сите три меча.
Македонија по два меча во групата Ц има три бода (ја победи селекцијата на Малта, во март, дома, со 2-1). По три бода имаат и репрезентациите на Украина и на Италија (исто така, од по два натпревара), а без бодови е Малта (од три средби).
На континенталниот шампионат в година ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја од десетте квалификациски групи. Денеска и утре на програмата се нови дуели од сите групи. По два или три одиграни меча во 10-те групи засега без загубен бод се репрезентациите на Шкотска, Франција, Англија, Швајцарија, Португалија (од по три средби), Грција и на Србија (од по два меча). Н.М.


ГРУПА Ц

Англија – Македонија 20.45 ч.
Украина – Малта 20.45 ч.

ТАБЕЛА
Англија 3 3 0 0 8-1 9
Италија 2 1 0 1 3-2 3
Македонија 2 1 0 1 4-4 3
Украина 2 1 0 1 3-4 3
Малта 3 0 0 3 1-8 0