За резолуцијата во германскиот парламент гласаа сите партии од владејачката коалиција, а против биле опозициските / Фото: ЕПА

И покрај германската резолуција и барање за воздржување од нови услови, Бугарија си очекува напредок, и тоа по нејзини критериуми: во работата на историската комисија, во ревизијата на македонската национална историја, во процесот на менување на македонските учебници по историја, во пристапот до безбедносните досиеја во македонските архиви… Токму таквите пораки и реакции од бугарските политичари го наметнуваат прашањето за целисходноста на германската и другите најавени резолуции од парламентите на земји-членки на ЕУ, па и на САД. Имаат или немаат ваквите резолуции, како што тврдат поединци од меѓународната заедница, политички потенцијал да креираат некаква реална меѓународна моќ со која националните парламенти каде што се усвоени резолуциите би испорачувале некаква гаранција дека ќе бидат заштитени македонските национални битија во преговарачкиот процес?

Резолуцијата на германскиот парламент како повод

Генерално, резолуцијата на Бундестагот на Германија, изгласана на 15 јуни, со која (уште еднаш) „се признаваат македонската култура, идентитет и јазик“, во Македонија е примена како гест на поддршка и добра намера за прифаќање на земјава во европското семејство на различни култури и јазици, како составен дел од заедничкото европско културно наследство. За резолуцијата во германскиот парламент гласаа сите партии од владејачката коалиција, а против биле опозициските. Дел од германските пратеници, од партијата на Ангела Меркел, рекле дека не треба да се носат резолуции посебно за секоја држава, туку да се однесуваат на европската иднина на целиот Западен Балкан.
Резолуција изгласана во парламент, во секој случај претставува политички документ, во кој се одразува одреден политички став за одредена политичка ситуација или предизвик. Предизвикот за оваа резолуција на германскиот бундестаг е манифестација на заинтересираност и поддршка на процесот на проширување на ЕУ, како своевиден одговор на загриженоста на Македонија за загрозеноста на националниот идентитет и неговите носители во процесот на евроинтеграциите. А загриженоста на македонската јавност произлегува од многубројните уцени што државата ги доживува од мигот кога интеграцијата во ЕУ ја декларираше како своја стратегиска определба, болните изневерени очекувања и ветувања токму од европските и други меѓународни фактори, како и непријатното чувство на притисок од истите фактори за понатамошно прифаќање на сите понатамошни уцени, непринципиелности и каприци од соседните земји, кои дрско ги негираат постоењето и посебноста на македонскиот национален идентитет, култура, јазик и историја. Со сета благодарност на искажаниот гест од германскиот бундестаг, во македонската јавност не може да се пренебрегне чувството дека и тоа е демонстрација на мека моќ и вид „притисок“ во вид на своевидна необврзувачка гаранција на Германија, за да биде прифатен условот за внесување на Бугарите во македонскиот устав и да започне ефективниот преговарачки процес за членство на Македонија во ЕУ. Имено, барањето за внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија е препознаено како обид на Бугарија преку ЕУ да ги реализира нејзините аспирации за асимилација на посебниот македонски национален идентитет.

По земањето на прстот, ќе следуваат дланката, па целото (национално и територијално) тело…

Истиот ден кога германскиот бундестаг ја изгласа декларацијата за македонската историја, култура, јазик и порача Бугарија да се воздржи од нови услови за Македонија, бугарската потпретседателка Илијана Јотова експресно потсети дека не се само уставните измени, туку Бугарија очекува да бидат спроведени и обврските од протоколите на меѓувладините седници со Македонија, за спроведување на Договорот за добрососедство. Односно, и покрај германската резолуција, и барањето за воздржување од нови услови, Бугарија очекува напредок по нејзини критериуми во работата на историската комисија, менување на македонските учебници по историја, пристап до безбедносните досиеја во македонските архиви. Таквите пораки и реакции од бугарските политичари го наметнуваат прашањето за целисходноста на германската и другите најавени резолуции од парламенти на земји-членки на ЕУ, па и на САД. Имаат ли политичка моќ ваквите резолуции да бидат гаранција дека ќе бидат заштитени македонските национални обележја во преговарачкиот процес?
Џевдет Хајредини, денес политички аналитичар, инаку министер за финансии во првата политичка влада од независноста на Македонија, за значењето на резолуцијата на германскиот парламент испрати директна порака до премиерот Димитар Ковачевски.
– Ковачевски без потреба многу време губи за реклама и пропаганда. Натамошниот напредок на Македонија не зависи од Германија, туку од Бугарија! – е ставот на Хајредини.
– Резолуцијата усвоена од германскиот парламент е документ што има форма на еднострана внатрешна изјава со која се декларира став, во случајов „поддршка за македонската историја, култура, јазик на патот кон членство во ЕУ“. Документот (и тие што се „во најава“ за усвојување) нема/ат пошироко суштинско значење или влијание што би довеле до фундаментална промена на одредени политики или позиции. Документот е донесен првенствено за внатрешна употреба кај нас, да постигне ефект „на општа импресија и сатисфакција“ тука во контекст на актуелното прашање со уставните измени. Во однос на Бугарија, само повикува, но не ја обврзува со донесената резолуција, или, пак, ќе има влијание понатаму Бугарија да се воздржи од нови барања и услови за Македонија. МНР на Бугарија веќе реагираше во врска со усвоената резолуција. И изјавата на бугарската потпретседателка не е никаква новина или изненадување. Тоа се договорените чекори што ќе следуваат по уставните измени. Таква позиција ќе имаат и резолуциите или декларациите што евентуално ќе бидат усвоени од други држави од ЕУ или од САД. Истите тие ќе имаат намена за внатрешна употреба кај нас и не можат да бидат гаранција за заштита на македонските национални обележја во процесот на преговори. Институции на други држави или организации со вакви одлуки не можат да гарантираат или потврдуваат нечии идентитетски обележја како историја, култура, јазик итн. – вели универзитетскиот професор Сашо Додевски, истражувач на полето на меѓународните односи.

Парадоксите на резолуцијата на Бундестагот

Академик Катица Ќулавкова во содржината на резолуцијата согледува одредени парадокси.
– Од пораката упатена до Бугарија во резолуцијата на германскиот бундестаг може да се разбере дека бараат да нема повеќе НОВИ условувања за Македонија, ама им ги прифаќаат веќе поставените услови. Патем постојните бугарски услови, вградени во т.н. француски предлог за Македонија се косат со сегашната германска декларација. Парадокс и нелогично во најмала рака – оценува академик Катица Ќулавкова.
Историчарката Наташа Котлар-Трајкова, универзитетска професорка од Институтот за национална историја на Македонија, по објавувањето на содржината на резолуцијата на германскиот парламент, остро реагира на мотивите на германската политика со ваквата „поддршка“. Таа смета дека резолуцијата претставува континуитет на германската политика за деноминација на македонскиот идентитет по Преспанскиот договор и прашува: „Што не изгласавте резолуција за Македонците и нивните права во Бугарија!?“
– Zwei banditen, отишли су тамо…! Сигурно се сеќавате на репликите од времето на југословенските филмови – „Оп, трт, gewesen sein“ и „zwei banditen, отишли су тамо“ како бурлеска, козерија на партизанско-германските односи на филмското платно! Но козеријава е некако погодена за илустрација на усвоената резолуција на Бундестагот, во која, меѓу другото се вели дека „Германскиот бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик“ во услови на „мултиетнички модел“ на Северна Македонија! Па, па, па…!
Во услови на именско, историско и идентитетско редефинирање на македонскиот атрибут во согласност со Преспанската спогодба (2018), германската резолуција е будалаштина, писание за малоумни…! Господо германско–алеманска–немачка, знај, македонскиот идентитет претставува сложена композиција од повеќе значајни чинители – именски и колективен, културен (ј а з и к, литература, музика, уметност, фолклор), религиозен, етнички и национален чинител и сите заедно ја чинат посебната – македонска историска содржина или м а к е д о н с к и о т и д е н т и т е т. Македонскиот народ е различен од бугарскиот (кому му поставувавте германски кнезови – Батемберг, Сакскобургота) и нема „заедничка историја“ со споменатиов народ! Во времето и просторот, под влијанијата и притисоците, низ причините и последиците македонскиот народ создава своја историја – м а к е д о н с к а, има свој јазик и своја култура – м а к е д о н с к и, своја македонска држава (антифашистичка) и автентичност!

Ако, пак, нешто беше добро и вредно во германската политика кон Македонија и нејзиниот народ беше амбасадорот Ханс Лотар Штепан, кој истакнуваше дека „Македонците имаат најголемо право за употреба на своето име Македонија.“ Овој „духовен воин на Македонија“, кој работеше во полза на македонското прашање, остана ненадминат дипломат од ни еден подоцнежен германски претставник. Сè што следуваше потоа кон Македонија и нејзините интереси од страна на Германија не емитуваше срдечна политика. Накратко, историјата од средината на 19 век, а и во 20 век, бележи мошне амбициозни намери на германската политика кон Балканот и притоа ниту една не завршува добронамерно кон македонскиот народ и неговите интереси! Таков е случајот и во 2018 г., кога германската политика во очајното прпелкање да стане лидер во балканските политички настани застана зад најлошото решение за спорот меѓу Република Македонија и Грција (определувајќи се и прогрчки и проалбански и пробугарски). Германија за цело време го поддржува преименувањето на државата на македонскиот народ – п о б е д н и к о т во антифашистичката борба во Втората светска војна, каква иронија! Така, за време на посетата на Грција, Анѓела Меркел уште пред изгласувањето на новото име во македонското собрание (2019), дури трипати во една изјава нè нарече „Северна Македонија“, истакнувајќи дека преименувањето благодарение на Преспанскиот договор е во наша полза, но и „за Грција и за цела Европа“! Бре, што нема да слушне, човек од Алеманиве, а сега и Бугари во македонскиот устав! Што не изгласавте резолуција за Македонците и нивните права во Бугарија!?
Господо, Германци – Алемани – Немци, македонски јазик, историја, култура значи посебна македонска национална свест (не мултиетничка), затоа ударите ви се силни, а ние мора со сета наша сила да се бориме, до последниот Македонец! – вели професорката.