За таа цел во инспекциска посета на Струга беше потпретседателот на Комисијата за доделување настани во ФИДЕ, Озгур Солашоглу од Турција, вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски. Конкуренти на Македонија за организација на ова СП се Италија, Малта и Тајланд

КАНДИДАТУРА ЗА ЕКИПНО СП ЗА ШАХИСТИ НАД 50 И НАД 65 ГОДИНИ

Македонија има големи шанси да биде домаќин на Светското екипно шаховско првенство (СП) за играчи над 50 години и СП за играчи над 65 години годинава, но датумот уште не е прецизиран. Во прилог на ова оди и фактот што Македонија многупати во минатото се покажала како одличен домаќин и организатор на многу шаховски турнири од највисок калибар, како што се Шаховската олимпијада (ШО) во 1972 година, турнирите Средба на солидарноста, Европското поединечно првенство (ЕП) во 2001 и во 2019 година, трипати (2009, 2015, 2021) Европскиот клупски куп (ЕКК), ЕП во забрзан и во брз шах (2018 година)… Конкуренти на Македонија за организација на ова СП ѝ се Италија, Малта и Тајланд.
– Сметам дека имаме големи шанси да ја добиеме организацијата на ова СП во конкуренција со другите три држави. Конечната одлука Светската шаховска федерација треба да ја донесе при крајот на март годинава. За таа цел во посета на Струга беше потпретседателот на Комисијата за доделување настани во Светската шаховска федерација, Озгур Солашоглу од Турција. Во својата инспекциска мисија се запозна со понудените услови за учесниците што би престојувале и би се натпреварувале – вели членот на Управниот одбор на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Зоран Стојчевски.
Претставникот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) изразил задоволство од презентираното при инспекциската посета.

– Солашоглу, кој и пред две години беше во Македонија, за време на Европскиот клупски куп, изрази задоволство од понудените цени на хотелот „Изгрев“ и условите за игра во него, а ни даде добронамерни совети и одредени корекции што треба да ги направиме за да биде уште подобра организацијата на СП. Тој претходно ги посетил и организаторите во Италија и во Тајланд, а во Малта нема да оди, оти лани таму имало сличен турнир, па ги знаел условите – вели Стојчевски.
Екипното СП се игра со класично темпо на размислување на четири табли со една резерва, а учесниците на првиот турнир мора да имаат над 50, а на вториот над 65 години. Ако има повеќе женски селекции, ќе има посебен турнир, а ако нема, тогаш тие ќе играат заедно со машките селекции. Во минатата година ова СП се одржа во Италија. На СП над 50 години (настапија 50 селекции) и на СП над 65 години (23 селекции) победија репрезентациите на Англија (1). Г.И.