Фото: Игор Бансколиев

Флагрантна потврда дека Преспанскиот договор и последиците од него ја ставаат нашата држава во подредена позиција деновиве ни испорача грчкиот пратеник Димитрис Керидис од владејачката Нова демократија. Тој едноставно јасно констатира дека „бугарскиот однос кон С. Македонија е ненамерна, но очекувана последица од Преспанскиот договор“!? Повеќе од јасно е дека употребената флоскула „ненамерна последица“ блика од сарказам и еднострано задоволство, а за ненамерните штетни длабоки и неповратни последици за втората страна воопшто не им е грижа. Фактот што грчкиот тим на преговарачи за името беше составен од искусни дипломати, научници, историчари, социолози, кои во Преспанскиот договор вградија многу прецизни алатки што се во синергија со асимилаторските политики на Грција и на Бугарија, сега ѝ овозможува на официјална Атина од страна мудро да ги набљудува бугарските постапки што го следат словото на спогодбата од Нивици и чека погоден момент кога и таа ќе излезе со некои свои нови барања…

Брзоплетоста при решавањето на отворените прашања со соседите се одрази погубно на македонскиот идентитет

Оправданата загриженост што се јави кај најголемиот дел од македонската јавност дека со прифаќањето на Преспанскиот договор ќе се отвори Пандорината кутија целосно се потврди, бидејќи грчкиот модел на вето стана мостра како во иднина да се уценува земјава и притоа да се добијат максимални отстапки од наша страна.
Бугарија, иако во 2017 година потпиша договор со Македонија за пријателство, соработка и добрососедство, веднаш по потпишувањето на Преспанската спогодба сфати дека ако го користи грчкиот пример, може и таа да издејствува буквално сè што ќе посака, па сега наместо Македонија да преговара со ЕУ, најпрво ќе преговара со Бугарија и ако добие дозвола од официјална Софија, тогаш ќе може да напредува во евроинтеграциите.
Потребата да се следи грчката матрица во повеќе наврати претходно ја искажуваа многу бугарски политичари, кои критикувајќи ја тогашната влада на Борисов јасно посочуваа дека бугарската влада не ја искористила ситуацијата како што тоа го направила Грција, за и тие да добијат максимум отстапки од земјава во поглед на идентитетските, јазичните и историските прашања.

Македонија доведена во подредена улога

Несомнено, Преспанската спогодба и нејзината асиметричност, која подразбира обврски исклучиво за Македонија, но не и за Грција, ја доведоа и ќе ја доведуваат Македонија во подредена улога во однос на Бугарија, но и во однос на секоја друга земја што утре ќе стане дел од Европската Унија и ќе посака и таа да оствари некакви свои цели.
Директна потврда дека работите ќе се движат во таа насока стигна од грчкиот пратеник Димитрис Керидис од владејачката Нова демократија, кој само констатира дека „бугарскиот однос кон С. Македонија е ненамерна, но очекувана последица од Преспанскиот договор“!
– Одредбите од Договорот за националниот идентитет и јазикот беа во спротивност со историското разбирање на Грција и Бугарија. Но за Грција, од неговата ратификација, Договорот стои и е правно обврзувачки. Ние сега сакаме да работиме на натамошно развивање на нашите односи во корист на мирот, стабилноста и просперитетот во нашиот регион, вклучувајќи и зајакнување на европската ориентација на нашиот сосед – рече Керидис за Гласот на Америка на македонски јазик.
Керидис, кој е член на парламентарниот комитет меѓу САД и Грција, додава дека „Грција работи со Бугарија да помогне во спорот меѓу Скопје и Софија“!?
– Мислам дека брзо ќе се најде решение. Грција отсекогаш ја поддржувала интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија. Ние сме блиску до С. Македонија. Сакаме да видиме развој надвор од моменталната тешка ситуација – истакна Керидис.
Повеќе од очигледно е дека употребената флоскула „ненамерна последица“ блика од сарказам и еднострано задоволство, а за „ненамерните“ штетни длабоки и неповратни последици за втората страна воопшто не им е грижа. Фактот што грчкиот тим на преговарачи за името беше составен од искусни дипломати, научници, историчари, социолози, кои во Преспанскиот договор вградија многу прецизни алатки што се во синергија со асимилаторските политики на Грција и на Бугарија, сега ѝ овозможува на официјална Атина од страна мудро да ги набљудува бугарските постапки што го следат словото на спогодбата од Нивици и чека погоден момент кога и таа ќе излезе со некои свои нови барања.
Професорката Солза Грчева се согласува со констатацијата на грчкиот пратеник Керидис дека Преспанскиот договор ќе предизвикува последици, но за неа тие последици се далеку од ненамерни, туку многу повеќе погубни за македонскиот народ.
– Изворот на сите зла не е само бугарскиот договор туку главниот извор е Преспанскиот договор. И Грците веќе го согледуваат тоа дека Пандорината кутија се отвори токму со овој договор потпишан во Нивици. Тие сè уште не го имплементираат, така што ние и не сме обврзани да го почитуваме договорот што другата страна не го почитува и тоа за мене е олеснителна околност. Барем може да ретерираме, да не трчаме во преименувањето институции како што веќе направивме, туку тие работи да ги санираме колку што може и да почнеме да си ги враќаме назад – вели Грчева.
Според неа, редица штетни работи по Македонија и македонскиот народ се случуваат во Преспанскиот договор.
– Кога видоа Бугарите на што сме ние подготвени кога го прифативме Преспанскиот договор и кога прифативме да направиме толкави отстапки на сопствена штета, им се наострија забите и едноставно си рекоа зошто и ние да не си ја поправиме историјата, зошто да не го направиме тој народ со бугарско потекло, новокомпониран народ што зборува на бугарски дијалект итн. Добро констатирал грчкиот пратеник, дека ова што сега го прави Бугарија е очекувана последица од Преспанскиот договор – нагласува Грчева.

Грција почна, Бугарија продолжи со етноцидот врз македонскиот народ

Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград Игор Јанев смета дека главниот проблем со Преспанскиот договор е тоа што со него се прави етноцид врз еден народ.
– Грчкиот пратеник Димитрис Керидис покажува непознавање на основниот проблем со Преспанската спогодба, а тоа е дека со ваквиот нелегален документ се спроведува етноцид, со сите други десталибизирачки ефекти по опстанокот на македонската држава. Не само пратеникот Керидис туку и целата политичка елита во Грција, спротивно на еден здрав ум, застапуваше небулози дека по прифаќањето на Преспанската спогодба „таа земја“ (чие име не треба да се спомнува) ќе стане постабилна и попросперитетна држава и со време членка на ЕУ! Но политичката елита во Грција не сакаше јавно да го потенцира очигледниот факт дека со Преспанскиот договор (спогодба) се поништува јазикот на „ова малцинство“ во Грција, кое, според договорот, нема дефиниран правен идентитет. А без дефиниција на правен идентитет не постои ниту правен субјект (т.е. националното или етничкото малцинство) што е предмет на заштита. Имено, со непризнавањето на идентитетот на „тој народ“ или нација надвор од Република С. Македонија (РСМ) не постојат, правно гледано, субјекти на заштита што би биле заштитени според одредбите на меѓународното право (вклучувајќи ги и одредбите со кои се штитат колективните права на еден народ, етничка група или нација). Без признаено национално право на Македонците, со договорот што го брише македонскиот идентитет во Грција и всушност се негира истиот тој, всушност сите македонски национални права во Грција се поништени! Поништени се и националниот македонски јазик и сите други изведени категории од термините: Македонци, македонски/ска/ско, односно сè што е изведено, бидејќи категоријата и терминот македонски ѝ припаѓаат само на Грција. Се разбира, овој принцип важи сеопфатно, односно ерга омнес според договорот. Тоа значи дека важи и глобално, универзално (спротивно на аспектот дека правно станува збор за билатерална спогодба меѓу две страни, а не мултилатерално/глобално) – вели Јанев.
Според него, овој момент од Преспанската спогодба го користи Бугарија и наметнува сопствени услови за да не ја блокира земјава во евроинтеграциите.
– Овој принцип ерга омнес се применува и на трети земји (непотписнички), па и на ООН, и така по автоматизам и на Бугарија и нивната интерпретација на „национален јазик“, кој mutatuis mutandis не може веќе да биде „македонски“, туку нешто „друго“ во согласност со заинтересирана држава (во сегашниот случај Бугарија). Како што видовме, по регистрацијата на Преспанскиот договор во ООН (со што спогодбата стана валиден договор за ОН и целиот свет, а во ООН добивме и ново државно име), веднаш се јави Бугарија со своите посебни услови за ЕУ, во кои mutatuis mutandis се негира сè национално македонско: од македонскиот јазик до македонската историја и сè друго опфатено со категоријата на македонската култура (исклучувајќи го и делегитимирајќи го терминот македонски како национална категорија). На овој начин, грчката асимилација на Македонците во Грција (каде што Македонците се негирани според договорот/актот, бидејќи „Македонец“ означува Грк, а овие „други“ (без разлика на декларирањето не се Грци, туку „недефинирана група“, без етнички и народни права), стана моделот за бугарската асимилација (кај нас позната како „бугаризација“) според која „Македонците имаат бугарски корени“, па оттаму се всушност „Бугари“, односно сè што е во национална смисла „македонско“, според Преспанскиот модел е нешто друго (немакедонско), а во конкретниот случај „бугарско“. И така се отвора новата Пандорина кутија, во која асимилацијата (инаку забранета според меѓународното право, како културоцид или етноцид) станува официјална бугарска политика, со подршка од ЕУ – истакнува Јанев.
Тој се наврати на неодамнешната изјава на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, согласувајќи се дека постои синергија меѓу Договорот со Бугарија и Преспанската спогодба.
– Со ваков развој на настаните, очигледно е дека постои синергија меѓу грчкиот (Преспанскиот) и бугарскиот договор и дека и двата претставуваат (заедно) „културен холокауст“ односно културен геноцид – заклучува професорот Јанев.