Атмосферата во репрезентацијата е одлична, а чистите мисли, мотивацијата и смиреноста, според мене, ќе бидат едни од клучните фактори за успех, вели репрезентативката и поранешна кадетска европска првенка Вероника Костовска

КАРАТЕ – ИДНАТА НЕДЕЛА МУНДИЈАЛ ВО БУДИМПЕШТА

Сениорската карате-репрезентација на Македонија е подготвена за настапот на претстојното Светско првенство (СП), од 24 до 29 октомври во Будимпешта (Унгарија). На пет дена пред почетокот на ова значајно карате-натпреварување, селекторите во борби Александар Кузмановски и во кати Стојан Андриевски се задоволни од прикажаното на целиот репрезентативен состав на овие завршни подготовки, од посветеноста, дисциплината и од високиот морал на секој репрезентативец во намерата да се покаже во што подобро светло на татамите.
Во рамките на подготовките македонската и хрватската репрезентација имаа успешни заеднички подготовки во Охрид, во почетокот на октомври, а потоа македонската репрезентација беше и на завршни подготовки во Дојран, каде што постојат извонредни услови за тренинг, па затоа каратистите често ја посетуваат оваа нивна база за подготовки.
– Ќе настапам во поединечна и во екипна конкуренција. Психички и физички максимално сум подготвена, а подготовките во матичниот клуб и со репрезентацијата поминаа во најдобар ред. Атмосферата во репрезентацијата е одлична, а чистите мисли, мотивацијата и смиреноста, според мене, ќе бидат едни од клучните фактори за успех. Тоа што сум била кадетски европски првак во 2015 година, петта на Европското првенство за сениори, освојувачка на Светски куп, секогаш во врвот на Серија А-лигите и во Премиер-лигата, како и двапати спортист на годината на Македонија, ми дава за право со спортски жар и желба, кои секогаш се присутни, да се надевам на остварување нов историски успех и освојување медал – вели репрезентативката Вероника Костовска, која ќе настапи во борби, во категоријата до 61 кг.
Македонското карате досега од настапите на светските првенства има два поединечни медала, и тоа бронзен медал на Жарко Арсовски во Белград (Србија) во 2010 година и сребрен медал на Емил Павлов во Дубаи (ОАЕ) во 2021 година. Г.И.


МАКЕДОНИЈА НА СП 2023

БОРБИ, ЖЕНИ
ИМЕ И ПРЕЗИМЕ КАТ.
Михаела Мишовска до 50 кг
Јована Греоргиева до 55 кг
Вероника Костовска до 61 кг
Ангела Мојсовска до 68 кг
БОРБИ, МАЖИ
Матеј Белистојаноски до 60 кг
Емил Павлов до 67 кг
Мурсел Мисини до 75 кг
Петар Спасеновски до 84 кг
Берат Јакупи над 84 кг
КАТИ
Мартина Арсовска
Давид Спасовски