Фото: Игор Бансколиев

Од следната сезона, две места во ЛШ ќе добијат федерациите со најдобри колективни перформанси на нивните клубови во сите купови на УЕФА во претходната сезона. Во идната сезона, клубот што ќе биде на место на табелата што вообичаено не носи играње во ЛШ (на пример, петтото место во Англија, Италија, Шпанија и во Германија…) може да се пласира во најсилното клупско натпреварување. Англиските клубови шест пати во претходните седум сезони беа меѓу најдобрите две земји во Европа, Шпанија пет пати, а по еднаш Германија, Холандија и Италија

ФУДБАЛ

Со третите кола во трите европски купа, Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ) и Конференциската лига (КЛ), на програмата идната недела, продолжува трката на клубовите од секоја земја за дополнителните две места во идната сезона на ЛШ. Европската фудбалска унија (УЕФА) го одобри новиот формат и списокот за влез во европските клупски натпреварувања од следната сезона и две места во Лигата на шампионите ќе добијат федерациите со најдобри колективни перформанси на нивните клубови во претходната сезона. Така, сезонава е квалификациска за идната. Во идната сезона ,клубот што ќе биде на место на табелата што вообичаено не носи играње во ЛШ (на пример, петтото место во Англија, Италија, Шпанија и во Германија…) може да се пласира во најсилното клупско фудбалско натпреварување на УЕФА.
Ако правилото беше применето за сезонава, Англија и Италија ќе добиеја дополнително место, што значи дека тимовите што беа на петтото место во тие земји ќе се пласираа во Лигата на шампионите, заедно со првите четири екипи, пишува британски „Скај спорт“. Според перформансите во европските купови, англиските клубови трипати во претходните три сезони и шест пати во претходните седум беа меѓу најдобрите две земји во Европа, пишува „Скај спорт“. Во претходните седум сезони, Шпанија пет пати беше меѓу најдобрите две, а по еднаш Германија, Холандија и Италија.
Сликата за сезонава ќе стане многу појасна до март, откако ќе се знае кои лиги ќе имаат тимови во четврт-финалето на трите европски натпреварувања, но во сезоната 2019/2020, Бундеслигата ја престигна Премиер-лигата на второто место откако Баерн го победи Пари сен Жермен во финалето на Лигата на шампионите, пишува „Скај спорт“.
Лигата на шампионите в година ќе претрпи измени, со учество на повеќе екипи (36 наместо 32) и со сосема различен формат од актуелниот. Во новата прва фаза на ЛШ нема да има осум групи, туку 36-те тима ќе играат во една лига и ќе одиграат по осум меча, според т.н. швајцарски систем, пред пласманот во осминафиналето. Од четирите нови места во Лигата на шампионите, едно место ќе му припадне на „клубот рангиран на третото место во шампионатот на федерацијата на петтата позиција во рангирањето на националните асоцијации на УЕФА“, пишува „Скај спорт“. Четвртото дополнително место во реформираната Лига на шампионите е за екипите што ќе играат во квалификациите. Н.М.


КОИ ЛИГИ ЌЕ ИМАА КОРИСТ ОД НОВИОТ ФОРМАТ ВО ПРЕТХОДНИТЕ СЕЗОНИ?

СЕЗОНА ЗЕМЈИ
2016/2017 Шпанија и Англија
2017/2018 Англија и Шпанија
2018/2019 Англија и Шпанија
2019/2020 Шпанија и Германија
2020/2021 Англија и Шпанија
2021/2022 Англија и Холандија
2022/2023 Англија и Италија
Извор: „Скај спорт“