Фото: Маја Јаневска-Илиева

Барањето за дводомен парламент има долга предисторија

Идејата за дводомен парламент, која деновиве ја реафирмираше претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, воопшто не е нова, туку влече корени во нешто што се провлекува подолга низа години, од независноста на Македонија. На еден или друг начин за неа се залагале повеќемина политичари од албанскиот блок, при што крајната цел останувала иста – рекомпонирање на унитарниот карактер на Македонија.
Веднаш по осамостојувањето бевме сведоци на барање за формирање посебен албански ентитет, тогаш наречен Илирида, во рамките на Македонија, со посебен парламент и со сите прерогативи на една држава (во држава) (!?). Во 1992 година, претседателството на Партијата за демократски просперитет (ПДП) донесе одлука да се распише референдум за Илирида. На 11 и 12 јануари 1992 година беше свикан референдумот од Советот за автономија, со едно единствено прашање „Дали се за политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија“. Референдумот беше спроведен, но власта ги отфрли резултатите од него.
Кратко потоа, претседателот на Демократската партија на Албанците во Македонија, Арбен Џафери, даде една изјава што многумина ја запаметија, бидејќи јасно ги отсликуваше неговите ставови, но и ставовите на неговата партија.
– И кога легнувам и кога се будам, и дење и ноќе, јас постојано размислувам за промена на Уставот. Тоа не е никаква вест, зашто за тоа јас говорам и пред претставниците на меѓународната заедница – изјави Џафери.
И во оваа изјава, во која тој децидно бараше промена на Уставот, јасно се гледаше идејата за дводомна држава на два носечки народа, каде што би требало да функционира дводомен парламент.
За потсетување е на уште еден инструмент во насока на посакуваниот концепт на албанските политички радикали односно за биполарна држава – Македонија, дека покрај дводомен парламент, беше и барањето за одвоен буџет, таканаречен национален буџет за Албанците, со кој не само што би се подвоил односно деунитаризирал политичкиот систем туку и економско-стопанскиот систем би се биетнизирал.
Ова го испорача Демократската унија за интеграција, како партнер во власта, во форма на барање за распределба на народните пари по некаков етнички или, пак, територијален принцип, за буџетот во 2012 година. ДУИ тогаш инсистираше да се најде правен механизам со кој ќе се обезбеди распределбата на државните финансиски ресурси според рамковен клуч уште за буџетот за 2012 година. Разбирливо, тоа беше оценето како политички концепт за федерализација на државата. За мнозинството граѓани беше неприфатлива идејата единствениот економски систем, кој функционира според пазарните принципи, да биде нарушен со критериуми што не се дел од макроекономската и од фискалната политика.
Особено остана во сеќавање инсистирањето на тогашниот вицепремиер за спроведување на рамковниот договор Муса Џафери, кој најави дека со моделот на децентрализацијата опишана во рамковниот договор е предвиден буџет поделен по етничка линија.
– Нагласувам дека Охридскиот рамковен договор има модел за економска поделба и на сите треба да им се дозволи менаџирање на ресурсите што им припаѓаат и за кои придонесуваат сите. Кога зборуваме за распределба на финансиските ресурси тука почнуваат некакви конфликти, но оваа тема ќе биде многу значајна и централна – рече Џафери на одбележувањето на 10-годишнината од рамковниот договор.
Понатаму, идејата за дводомен парламент во 2020 година ја актуализира тогашниот претседател на ДПА, Мендух Тачи. Зборувајќи на предизборен митинг на ДПА на градскиот плоштад во Тетово тој истакна дека доколку нивните пратеници успеат да бидат дел од Владата, ќе работат на достигнување високо ниво на т.н. консензуална демократија.
– Планот на ДПА е уште откога дојде Арбен Џафери од Приштина дека во Македонија треба да има консензуална демократија. Мојата работа како премиер ќе им гарантира на Албанците дека ќе бидат поставени во институциите и ќе го поделат буџетот рамноправно. Консензус ќе има така што ќе има два дома во Собранието – рече Тачи.
Тој најави и дека Македонците ќе бидат обврзани да прифатат дводомен парламент.
– Сега е моментот и како членка на НАТО одиме со безбедни чекори, а Македонците ќе бидат обврзани да го прифатат дводомниот парламент – додаде Тачи.
Покрај ваквите идеи, во изминатиот период се промовираше и иницијатива за формирање „заедница на албански општини“, која би водела до формирање собор во дводомно собрание, своевиден меѓучекор до дводомен парламент (затоа што во вториот парламентарен дом, според замислата на споменатиот концепт, би биле мнозинство претставници од регионите).

Пратеникот Скендер Реџепи, кој беше дел од Алтернатива, а потоа дејствуваше како независен пратеник, на седницата за уставните измени за вметнување на Бугарите бараше да се избрише формулацијата „20 отсто“ од Уставот при измените што треба да се донесат следниот период. Реџепи рече дека со вметнувањето на Бугарите ќе се отворат хоризонтите кон ЕУ, но во државата ќе има меѓуетнички тензии. Според него, Албанците не смее да бидат заложници.
– Може да се случат и други барања, албански општини да бараат пат кон ЕУ одделно од македонските општини. Ова не би го посакувале, но реалноста е таа – рече Реџепи.
Слична идеја пропагираше и советникот на косовскиот премиер Албин Курти, Елвис Хоџа, кој смета дека ако меѓународниот фактор во рамките на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија инсистира на формирање заедница на српските општини во Косово, тогаш и албанската заедница во Македонија може да излезе со слично барање за заедница со албански општини, објавувајќи карта на која може да се протегне таквата заедница.
– Според движењето „Унитети“, ова е картата на заедницата на општините со албанско население во Северна Македонија. Оваа карта станува актуелна по инсистирањето на Ескобар – напиша Хоџа на својот фејсбук-профил.
Според него, можно е Албанците од Македонија да го следат примерот на Србите преку поставување барикади на патиштата за да ја принудат македонската влада да прифати заедница на албански општини.
Неговата идеја ја поддржаа и од Алтернатива.
– Еве една кауза врз која може да се обединиме сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина. Да ја започнеме уште денеска заедницата на албанските општини во Северна Македонија. Добар реципроцитет и, наедно, европски, нели. Можеби на тој начин доаѓаме и кај темата на јазичен реципроцитет помеѓу албанскиот јазик во Северна Македонија и српскиот јазик во Косово – се наведува во соопштението од Алтернатива. Р.Н.М.