ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС
Словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар од тимот на Емирати на маестрален начин победи на шестата етапа од годинашниов Тур де Франс, којa се возеше од Тарб до Кортре, долга 145 км. Сепак, бранителот на титулата од лани, Данецот Јонас Вингегор од Џамбо-Висма, ја презеде жолтата маичка од Австралиецот Џаи Хиндли.
Погачар ја оствари својата 10-та етапна победа на најпрестижната трка во светот и стана четвртиот најмлад велосипедист што ја достигнал оваа бројка. Пред него тоа им успеало само на Французите Франсоа Фабеи Бернард Ино и на Британецот Марк Кевендиш. Словенецот ја мина тешката ридска делница на Пиринеите за три часа, 54 минути и 27 секунди, односно имаше 24 секунди предност пред Вингегор, додека трет беше Норвежанецот Тобијас Халанд Јоханесен, со задоцнување од една минута и 22 секунди.
Последната етапа на Пиринеите беше многу возбудлива. Пред последното искачување, Вингегор, Погачар и Полјакот Михал Квјатковски од тимот на Инеос се одвоија од преостанатите. Сепак Погачар со маестрален финиш го изведе клучниот напад на околу 2,5 км до целта. Ваквиот расплет сепак значеше дека Вингегор ја презеде жолтата маичка, првпат по ланскиот настап, и сега има 25 секунди предност пред Погачар, додека Хиндли е трет, со заостанување од една минута и 34 секунди. Следната, седма етапа се возеше вчера од Мон де Марсан до Бордо, во должина од 170 км. Г.И.