СКИЈАЧКИ ЛЕТОВИ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Норвежанецот Мариус Линдвик (23) е новиот светски шампион во скијачки летови, откако победи на Светското првенство одржано на леталницата Викерсунд во Норвешка. Линдвик е и олимписки првак во скокови на голема скокалница, на Зимските олимписки игри во Пекинг во минатиот месец.
Натпреварите за титулата траеја два дена и беа потребни четири скока. Зад Линдвик се пласираа Словенецот Тими Зајц, кој го имаше најдолгиот скок на дводневното натпреварување, од 243,5 метри, и Стефан Крафт од Австрија, а потоа на табелата беа уште тројца натпреварувачи од Словенија, и тоа Петер Превц, светскиот шампион во скијачки летови од 2016 година, потоа Анже Ланишек и Домен Превц.
Светските првенства во скијачки летови се одржуваат од 1972 година. Линдвик (прескокна 232, 226, 230 и 224 метри) е првиот Норвежанец што ја освоил титулата во скијачки летови на домашен терен во Норвешка и тоа е прв поединечен медал за него на светските првенства, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Светски првак на минатиот шампионат беше Карл Гајгер од Германија, кој ја освои титулата на Планица (Словенија) во 2020 година.
Екипното натпреварување на Светското првенство во Викерсунд на програмата беше синоќа, а титулата од претходниот Мундијал ја бранеше репрезентацијата на Норвешка.