КОЊИЧКИ СПОРТ – ПОЧНУВА НОВАТА СЕЗОНА

Според план-календарот на Федерацијата на коњички спортови на Македонија, коњичкиот клуб Бравадос од Скопје, денеска и утре (од 9.30 часот), на теренот на клубот во населбата Волково, крај Лепенец, ќе ги одржи првото коло од Купот на Македонија и првото коло од Првенството на Македонија во прескокнување пречки во новата натпреварувачка сезона за 2024 година. Денеска во Купот на Македонија на програмата се шест натпревари во прескокнување пречки, и тоа во класите Е-екс-екво, Е*, А*, А**, Л* и М*, со височина на пречките од 0,6 до 1,3 метар и широчина до 1,3 метар. Утре, пак, на истиот терен, во рамките на првото коло од Првенството на Македонија во прескокнување пречки, на програмата се шест натпревари, и тоа во класите А, А1, Б, Ц, Д и Д1, со височина на пречките од 0,7 до 1,3 метар и широчина до 1,4 метар. Г.И.