ФУДБАЛ – УЕФА

Почна продажбата на билетите за трите финалиња

Продажбата на билетите за сите три претстојни финалиња на клупските натпреварувања за фудбалери и за Суперкупот почна во понеделникот, исклучиво преку интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА), и ќе трае до 16 април, информира УЕФА. Како и во претходните години, на навивачите на финалистите и на пошироката јавност им се доделуваат поголемиот дел од билетите. Билетите за пошироката јавност ќе се продаваат преку лотарија што ќе се спроведе по истекот на периодот за аплицирање.
УЕФА ги објави цените и распределбата на билетите за гледачите, а преостанатите билети надвор од овие распределби се за локалната организациска структура, земјите членки на УЕФА, комерцијалните партнери, радиодифузерите и за УЕФА. Цените на билетите за финалето на Лига Европа, во Даблин, на 22 мај, се од 40 до 150 евра (вкупно 36.000, капацитетот на стадионот е 48.000 места, а финалистите ќе добијат по 12.000 билети). За финалето на Конференциската лига во Атина, на 29 мај ќе има вкупно 21.000 билети од 27.100 (за финалистите по 9.000 билети), по цена од 25 до 125 евра. Финалето на Лигата на шампионите ќе се игра во Лондон, на 1 јуни, а вкупно 60.000 билети од 86.600 се достапни за купување (двата тима ќе добијат по 25.000 билети) по цена од 60 до 610 фунти, пишува УЕФА. Суперкупот е закажан за 14 август во Варшава, ќе се продаваат вкупно 48.000 билети од 56.400, по цена од 30 до 130 евра. Н.М.


ФУДБАЛ

Полуавтоматизирана технологија за одредување офсајд ќе се користи во Премиер-лигата

Клубовите од Премиер-лигата едногласно ја одобрија употребата на полуавтоматизирана технологија за одредување офсајд за сезоната 2024/2025, пишува „Би-би-си“. Планот е да се воведе системот по една од меѓународните паузи во септември или во октомври, соопштија од Премиер-лигата. Светската фудбалска федерација (ФИФА) првпат ја искористи оваа технологија на Светското првенство во Катар во 2022 година. Се очекува дека полуавтоматизираната технологија за одредување офсајд може да ја намали должината на проверката на офсајди на видеопомошниот-судија (ВАР) за 31 секунда, пишува „Би-би-си“. Една од целите е да се воведе таа технологија во следната сезона за натпреварите од ФА-купот на клубовите од Премиер-лигата и за полуфиналето и финалето на стадионот „Вембли“. Одлуките за тоа дали играчот во офсајд ја попречува играта или дали играчот е на страна каде што одбранбен фудбалер ненамерно ја допрел топката, сепак, ќе останат да се решат од судијата на теренот, пишува „Би-би-си“. Н.М.