Во време кога во нашата држава културата е монета за поткусурување и се цени сѐ помалку, со многу позитивна енергија се одржа седмото по ред издание на фестивалот „Џез-фактори“ во Битола, кој ни донесе освежување и нешто поразлично од нашето секојдневие. На повеќе локации во градот, во три фестивалски вечери настапија домашни и светски изведувачи, кои го ставија овој фестивал на светската мапа. Првата вечер беше посветена на класичниот џез, втората на авангардниот и третата на експерименталниот џез.
На отворањето настапија две прекрасни трија „Јулија Сиедл трио“ од Австрија и „Никола Гардел трио“ од Франција. Јулиа Сиедл (пијано) беше одлично вкомпонирана со своите двајца колеги Михаил Иванов (контрабас) и Борислав Петров (тапани) од Бугарија. Овој оригинален проект е создаден специјално за фестивалот „Џез-фактори “. Сиедл одржа и мастерклас за учениците по пијано во Државното музичко училиште во Битола. Впечатлив беше и концертот на триото на Никола Гардел, со што беше заокружен и Месецот на франкофонијата. На втората современа авангардна џез-вечер настапи легендата на македонскиот џез, Гоце Мицанов, со своето трио и еден фантастичен квинтет од млади луѓе „Анлишд корпорејшн“ од Полска.
Oсновачот и директор на фестивалот, Сашо Поповски, се обидува секогаш на фестивалот да има еден концерт и музичари, кои, како што вели, допрва ќе станат големи. Во прекрасна дневна атмосфера во Камарите настапија „Сара Ташкоска квартет“ и студенти при Одделот за џез на Музичката академија на Универзитетот во Штип. Таа е добар вокал, иако свири контрабас, па на концертот во Битола пееше. На сцената им се придружија и колегите од квинтетот од Полска, кои одлично ја загреаја публиката за вечерните последни два концерта.
Пијанистот, композитор и писател Сакис Пападимитриу, кој е една од клучните фигури во авангардниот џез и жива легенда на современата музика во Грција, исклучителен артист со долга и плодна кариера, пред публиката во Битола изведе соло-концерт, кој никого не остави рамнодушен. Овој концерт беше организиран со помош на Генералниот конзулат на Грција во Битола и Амбасадата на Грција. За крајот на фестивалот настапи „Оса квартет“ од Србија, кој изведува оригинална музика инспирирана од францускиот џипси-џез, џез-рок и блуз, како и од џез-стандардите, дела од Стефан Грапели, Џанго Рајнхард, Антонио Карлос Жобим и други. Квартетот изведе композиции од нивниот втор албум насловен „Just Music“, издаден минатата годинa во декември.
Наградата за најдобар млад музичар, која го носи името на доајенот на џез-музиката во Битола, Гоце Димитровски, трубач, годинава за првпат му припадна на битолчанец, Давид Скерлевски. Организаторите на фестивалот за следната година најавија врвно име од њујоршката џез-сцена и артисти од највисок ранг.
– Седма година не е мала работа, затоа што за да се произведува култура во општество што не знае да ја цени културата е навистина тешко, но ние ќе издржиме. Затоа што сме тврдоглави. Можеби малку поголемо внимание да им дадеме на градовите надвор од Скопје, поддршката треба да биде поголема за културната децентрализација за која сите толку многу сакаме да зборуваме – истакна Поповски.

Елена Ангеловска