ХОКЕЈ НА МРАЗ – НХЛ, ФИНАЛЕ

И во вториот натпревар од финалната серија, Колорадо го совлада шампионот од минатите две сезони, Тампа беј. Сезонава, првпат од финалето на Стенли-купот во 2008 година, фаворитите во претсезонските обложувачници играат еден против друг

Хокеарите на Колорадо го добија и вториот меч со Тампа беј, шампионот од 2020 и 2021 година, со 7-0 (во првиот беше 1-0), во финалната плејоф-серија за Стенли-купот, во канадско-американската НХЛ-лига. Колорадо ја забележа третата најубедлива победа во историјата на финалната серија натпревари за Стенли-купот, по оние на Питсбург над Минесота во 1991-та (8-0) и на Сиетл над Монтреал во 1919-та (7-0).

Колорадо има ефект од 14-2 победи и порази во плејофот сезонава, губејќи само од Сент Луис во втората рунда. Ако ја заврши финалната серијата за пет или помалку натпревари, ќе го има најдоминантниот пат кон титулата во ерата на ограничување на платите, од сезоната 2005/2006.

На првиот финален натпревар беше забележана највисоката просечна цена на билетите од 2010 година досега. За мечот во Денвер билетите во просек чинеа 1.061 долар, што ги направи најскапи за воведен натпревар по финалето во 2010 година помеѓу Чикаго и Филаделфија.

Сезонава, првпат од финалето на Стенли-купот во 2008 година, помеѓу Питсбург и Детроит, фаворитите во претсезонските обложувачници играат еден против друг. Тампа беј уште има шанса за освојување историски три титули по ред (вкупно четири) и да стане првиот тим што го направил тоа во ерата на ограничување на платите и првиот што го направил тоа по Њујорк ајлендерс, кој победи четири пати по ред од 1980 до 1983 година. Колорадо беше првак во 1996 и во 2001 година.