Фото: Твитер/Официјален профил на Вимблдон

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ му вети на Австралиецот Ник Кирјос дека ќе го испочитува договорот направен пред финалето на гранслем-турнирот Вимблдон, односно оти ќе го чести вечера.

Кирјос вчера преку социјалните мрежи го потсети Ѓоковиќ на договорот, а освојувачот на Вимблдон одговори дека планира да плати вечера во Њујорк.

– Каде е мојата вечера? – напиша Кирјос, на што уследи одговор од Ѓоковиќ.

– Извини, другар. Им ѕвонев на сите ресторани во Лондон во неделата вечер и немаше слободни места. Плаќам вечера во Њујорк – напиша Ѓоковиќ, кој во неделата триумфираше во Вимблдон, совладувајќи го Кирјос во финалето со 3-1 во сетови.

Кирјос годинава значително го поправи и односот со Ѓоковиќ, со кого претходно имаа несогласувања. Австралиецот неочекувано стана еден од најголемите поддржувачи на српскиот тенисер во неговиот спор со австралиските власти за време на Австралија опен во јануари, по кој сега 21-кратниот гранслем-шампион беше депортиран од Австралија. Ѓоковиќ тогаш преку Инстаграм јавно му се заблагодари на Кирјос за поддршката, а двајцата тенисери дадоа назнака за подобрување на нивниот однос и во пресрет на финалето на Вимблдон.