Фото: Игор Бансколиев

Продолжува практиката на ад хок закажување на седниците на кои законодавците, без соодветен период за подготовка, треба да решаваат дури и за прашањата од највисок јавен, државен и национален интерес. А токму непредвидливоста на законодавните активности и немањето јасно дефинирана временска рамка и период во кој на пратениците ќе им бидат достапни материјалите за кои треба да анализираат, синтетизираат ставови, да дискутираат и да се изјаснат, многу често се посочуваат како две од неколкуте главни причини за тоа што културата на дебатирање на пратениците, поткрепена со јасни и цврсти аргументи со кои директно се поддржува застапуваниот став, според доминантниот впечаток и голем број стручни оцени, е на релативно ниско ниво

ПАРЛАМЕНТАРНАТА ДЕМОКРАТИЈА ВО ДЕФАНЗИВА ПРЕД УЛИЧНАТА

Десетина дена откако Владата ја објави англиската верзија на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со Европска Унија, таканаречениот француски предлог, и една недела од објавувањето на нејзиниот превод и на македонски јазик, се тактизира со закажувањето термин за одржување собраниска седница на која парламентарците би требало да дискутираат за владината информација за содржината на предлогот и да се изјаснат по неа. По неодамнешната редовна понеделничка координација во Собранието на која се разговарало за тоа кога би можела да се одржи пленарната седница за информацијата и не била постигната согласност, претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека дополнително ќе информира за датумот за свикување на пленарната седница на чиј дневен ред таа ќе биде ставена. Со тоа, продолжува практиката на ад хок закажување на седниците на кои законодавците, без соодветен период за подготовка, треба да решаваат дури и за прашањата од највисок јавен, државен и национален интерес.
А токму непредвидливоста на законодавните активности и немањето јасно дефиниран период во кој на пратениците ќе им бидат достапни материјалите за кои треба да дискутираат и да се изјаснат, многу често се посочуваат како две од неколкуте главни причини за тоа што културата на дебатирање на пратениците, според доминантниот впечаток и голем број стручни оцени, е на катастрофално ниско ниво!

Доминантен број од дискусиите што се одвивале во Собранието
биле слабо аргументирани

Еден од поновите извештаи за квалитетот на дебатата во актуелниот парламентарен состав, избран во јули 2020 година, укажуваат дека доминантен број од дискусиите што се одвивале во Собранието биле слабо аргументирани. Со други зборови, најголем дел од позициите што пратениците ги застапувале во Собранието не биле засновани на докази и во однос на нив не биле понудени соодветни образложенија. Ваквата состојба, според наведеното во извештајот, објективно е восприемена и од страна на граѓаните.
Затоа, во извештајот од истражувањето за квалитетот на дебатата во Собранието, што во втората половина од минатата година го спроведоа Националниот демократски институт, институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје и Центарот за управување со промени, меѓу другото се заговара и воведување на таканаречениот календар на активности.
– Потребно е воведување календар на седници по примерот на парламентите на западноевропски земји. Преку календарот на седници ќе се овозможи предвидливост на работата на Собранието, како и повеќе време на пратениците за подготвување околу точките на дневен ред. Со времето на располагање и поголемата предвидливост, пратениците ќе можат навремено да се информираат околу предлог-законите, измените и дополнувањата на законите, извештаите на регулаторни и независни тела и други акти во Собранието. Предвидливоста на седниците ќе придонесе за поквалитетна и аргументирана дискусија – препорачаа потписниците на извештајот.
Откога и голем број пратеници повеќепати реагираа на непредвидливото работење во парламентот, за нешто слично, барем декларативно, се заложи и актуелниот парламентарен спикер Талат Џафери, изјавувајќи во неколку пригоди оти „мора да има предвидливост за почетокот и за крајот на законодавниот процес“.
Но сепак, тој до вчера не успеа да ја изменаџира најавената парламентарна постапка за документот, поради кој во изминативе две недели постојано, а на моменти дури и насилно, се протестира низ државава.

Некомплетен материјал доставен до пратениците

За актуелната тема, Џафери вчера рече само дека ќе биде ставен на дневен ред директно на пленарна седница, што дополнително ќе ја свика. Во однос на достапноста на потребните материјали, тој се правдаше со деловничките можности.
Инаку, проблем за одржување на посочената собраниска расправа, како што објаснија претставниците на опозицијата, кои присуствуваа на координацијата, е некомплетниот материјал.
– Бараме да се врати информацијата што ја испрати Владата како нецелосен материјал и да не се нарушува дигнитетот на Собранието со еден ваков документ. Листот хартија што Владата го нарекува информација за содржината на предлог-преговарачката рамка за преговори меѓу Македонија и ЕУ е крајно непочитување на нас пратениците. Не може со еден лист хартија да се дискутира за најважната работа во државата во наредните десетина години. Тоа е класична деградација на интегритетот и интелектот на секој пратеник – рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, нагласувајќи дека „доколку Џафери и парламентарното мнозинство ги заобиколат и изиграат собраниските процедури, одговорноста за ситуацијата во која ќе се најде државата ќе биде на Талат Џафери, Владата и пратениците од парламентарното мнозинство“.
По ова, од парламентот објаснија дека во согласност со членот 185 од Деловникот на Собранието, претседателот ја Собранието ја доставува информацијата до пратениците во форма во која е добиена и нема надлежност да навлегува во нејзината содржина.
– Нема деловничка одредба што му овозможува на претседателот да ја врати информацијата до предлагачот. Според процедурата, информацијата што е на дневен ред на пленарна седница, се усвојува со донесување заклучоци по однос на информацијата – рекоа оттаму.
Во меѓувреме, во Собранието требаше да започне пленарната седница за ребалансот на буџетот, која во согласност со роковите, може да трае најмногу пет дена, но како што претходно објасни Џафери, доколку има потреба ќе биде прекината и ќе биде закажана нова седница на која на дневен ред би била информацијата испратена од Владата.

Со големи процедурални проблеми повеќето собраниски постапки во изминативе неколку години

По сето ова, треба да се спомене оти и најшироката јавност можеше да забележи дека со големи процедурални проблеми беа проследени сите собраниски постапки за изгласување документи и акти од највисокото ниво на јавен, државен и национален интерес во изминативе неколку години. Парламентите во уредените држави затоа, во принцип, имаат детално утврдени процедури и строго се придржуваат до нив.
Тоа не може да не им е познато на Џафери и на сите оние што заедно со него ги менаџираат процесите во Собранието бидејќи токму во рамките на Парламентарниот институт, пред неколку години, беа собрани и прецизно објаснети искуствата од повеќето европски земји. Цел на оваа студија, како што е посочено, беше да претстави најразлични специфичности на парламентарни календари во дваесетина дома на парламенти од Европа, заради подобрување на работењето на Собранието на Македонија.
– Во дваесетина домови на парламенти во Европа што беа анализирани од Парламентарниот институт можеме да увидиме различни практики на парламентарни календари. Притоа, се забележува разлика помеѓу парламентите што работат на сесии, во споредба со парламентите што се во постојано заседание. Како по правило, парламентите што заседаваат на сесии имаат календари што покриваат поголем временски период, најмногу до две години, на пример есенска и пролетна сесија на соодветниот парламент. Праксите низ анализираните парламенти ни покажуваат дека во парламентарните календари најчесто се вклучуваат планирани датуми за пленарни седници, а во некои од парламентите се планираат и нивни резервни датуми доколку не се исцрпи предвидениот дневниот ред. Понатаму, кај дел од парламентите, исто така, се планираат и датумите за седниците на работните тела иако оваа пракса поретко се забележува во споредба со датумите за пленарни седници. Во најголем дел од законодавните домови во календарите се водат и неработните денови – се вели, меѓу другото, во истражувањето. Д.М.М.